Поранешната ракометарка Андријана Будимир демантира дека тинејџери кои учествувале на нејзиниот летен подготвителен ракометен камп во Неи Пори, Грција, се испотепале со грчките врсници поради името. Таа на фејсбук објави статус во кој вели дека непотребно се политизираат спортските активности и дека инцидент немало.
„Сакам најостро да ја демантирам веста објавена во некои медиуми дека дошло до инцидент помеѓу децата од мојата ракометна школа и нивни врсници од Грција. Не ја разбирам потребата да се исполитизираат спортските активности кои традиционално во овој период од годината се одржуваат во Неи Пори, Грција. Напротив, можам да кажам дека се помина во најдобар ред и дека Грците беа одлични домаќини. Ракометното школо „Андријана Будимир“ и идната година својот летен камп ќе го одржи во Неи Пори, Грција“, стои во објавата.
Според извори на „Макфакс“, блиски до децата што учествувале во кампот, до тепачката дошло кога жена, Гркинка, ги слушнала младите ракометари како зборуваат на македонски во локалната играчница, па им пришла и ги прашала од каде се. Кога тинејџерите ѝ одговориле дека се од Македонија, таа почнала да се расправа со нив за името, а набргу потоа повикала група грчки тинејџери по што започнала жестока тепачка помеѓу двете групи, која завршила со потешки повреди.
Инцидентот завршил кога полицијата, која била повикана од некој од очевидците што присуствувале на настанот, интервенирала по што биле раздвоени двете групи.
По враќањето од Грција, некои од младите ракометари биле примени во болница, каде што им биле констатирани телесни повреди.