Научниците на НАСА кои веќе седум години го истражуваат Марс дојдоа до сензационално откритие – присуство на релативно големи концентрации на гасот метан на Црвената Планета. Вселенскиот ровер на НАСА наречен „Љубопитност“ пред две недели пронашол огромна концентрација на метан, што, според научниците, често е знак на живот. Иако овој гас може да се создаде со различни хемиски реакции, во најголем дел произлегува од живи суштества. Токму затоа, светските медиуми пишуваат дека сме на чекор до откривање живот на Марс, но и дека постои можност човечката ДНК да не потекнува од Земјата.
Гери Равкан, молекуларен биолог и професор по генетика на Медицинскиот факултет на „Харвард“, вели дека има поинаков поглед во врска со настанокот на животот и можноста да се открие живот и на друго место освен на Земјата. Тој се сомнева во општоприфатената претпоставка дека нашата ДНК потекнува од Земјата. Равкан сака да испрати ДНК-секвенсер на Марс (инструмент за одредување аминокиселини или други мономери во биолошкиот полимер) за да ги проучи концентрациите на метан.
НАСА деновиве објави дека концентрациите на метан повторно паднале на вообичаеното ниво, што дополнително ги збунило научниците.
„Потрагата по метан е добар метод за индиректна потрага по живот. Проблемот е што постојат и хемиски начини да се добие метан. Тој не е совршениот животен сурогат. Затоа повеќето експерименти за откривање живот од страна на НАСА, особено во ерата на егзопланети, кога се откриени толку многу планети околу ѕвездите, се однесуваат на спектостропски студии на нивната атмосфера. Тоа секогаш вклучува изобилство хемикалии, како метан и јаглерод диоксид. Мојот омилен начин да се бара живот е да се оди на планетата и да се побара ДНК. Тоа значи дека животот на некоја друга планета би бил ист како овој тука, со што не би се согласиле повеќето астробиолози“, рекол Равкан.
Тој смета дека гледиштето оти животот почнал на Земјата е малку претенциозно и дека според ова гледиште луѓето се многу посебни и дека сѐ се случило тука.
„Мене лично ме привлекува идејата дека животот каков што го познаваме е универзален насекаде низ просторот на Млечниот Пат. Штом би се создал, би почнал да се шири. Еден од начините да се докаже тоа е да го движиме часовникот напред наместо да се враќа назад. Ако навистина зборуваме за колонизација на Марс, првиот чекор е таму да се испрати бактерија за создавање атмосфера. Тоа значи дека ако го придвижите часовникот напред за милион години, ние веројатно би испраќале бактерии на планети што се милион светлосни години далеку од нас“, рекол професорот од „Харвард“.
Неговите ставови не се многу стандардни за микробиологијата. Тоа е делумно поради тоа што сака да испрати ДНК-секвенсер на Марс.
„Овде, на Земјата, ако одите на некое езеро или во шума и сакате да дознаете кој живее таму, редовниот метод за да дојдете до сознание е само да земете измет, да направите ДНК и да ги истражите сите геноми во него. Така ќе добиете увид за тоа кој живее таму. Се разбира, постојат многу различни видови бактерии што живеат во почвата. Ако погледнете во литературата, употребата на ДНК како доказ во барањето живи суштества првпат била реализирана пред можеби 20 години. Зошто да не го направиме тоа на Марс и да го истражиме биолошкиот полимер, можеби таму ќе најдеме нешто што изгледа како наш роднина. Не мора да изгледаат како наши браќа, туку едноставно да имаат нешто слично на нас, што би значело дека произлегуваат од истото дрво на животот. Веднаш по ова, вие може да коментирате: Па добро, животот на Земјата и на Марс е сличен, бидејќи двете планети се веднаш една до друга. Значи, на некој начин е очигледно дека живите суштества на овие две планети би имале ист вид живот, бидејќи се блиски. Но што ако, всушност, истата животна форма постои на просторот на целиот Млечен Пат?“, додал Равкан.
Луѓето се скептични во врска со ваквиот начин на размислување. Повеќето сметаат дека животот морал некаде да започне, односно дека почнал токму тука.
„Постои доказ за тоа како се создал животот во нашите геноми. Доказот се вика РНК-свет, кој е нешто како најраната форма на живот и сѐ уште е присутен. Станува збор за хипотетичка фаза во животната еволуција на Земјата, во која самореплицирачките молекули на РНК се размножувале пред еволуцијата на ДНК и протеините. Така може да ги распознаете раните чекори на еволуцијата само со набљудување на модерните геноми. Во традиционалните изучувања и во сите прирачници, РНК-светот – како еден вид претходник на ДНК-светот – бил на Земјата уште пред 4 милијарди години. Мислам дека бил тука дури и пред 10 милијарди години, во некој простор од Млечниот Пат и се проширил насекаде по неговата должина. Земјата е стара 4,5 милијарди години. Универзумот, барем според процените на теоријата за Големата експлозија, постои околу 14 милијарди години. Според тоа, ако животот еволуирал некаде на друго место, тоа ни купува време од околу 10 милијарди години“, рекол професорот.
Тој додава дека животот еволуирал многу брзо од комбинирани бактерии откако Земјата се изладила.
„Тие биле високоеволуирани и мислам дека дошле тука веднаш штом Земјата се изладила, а потоа само почнале да растат. И постојано да се шират низ Млечниот Пат, а можеби и низ целиот космос. На пример, сте слушнале за Сети, така? Луѓе што бараат интелигентен живот на другите планети? Обично станува збор за математичари, што очекуваат нивните умни колеги од некоја друга галаксија да им испратат некаков математички сигнал. А во суштина, и едните и другите би испраќале ДНК-секвенци. Сакам да кажам дека животот дошол тука исто како што се проширил и на други места. Па ако испратиме ДНК-секвенци кон други планети и откриеме дека животот се ширел и потоа дошол на Земјата – ние не сме оригиналот“, рекол професорот.
Марија Зубер, планетарен научник и познавач на вселената, со која Равкан работи на ова речиси 20 години, сака да ја истражи оваа теорија. Станува збор за високоризичен зафат за кој НАСА е подготвена да помогне, но сѐ уште не дале „зелено светло“.
Текстот Човечката ДНК не потекнува од Земјата! е превземен од Reporter.mk.