Северна Кореја има нуклеарни ракети кои сега може да го погодат кој било град во САД, објави јужнокорејската новинска агенција „Јонхап“, цитирајќи официјален документ на американската армија. До пред неколку години, во домет на Северна Кореја беа само Хаваи, Алјаска и најзападниот дел на Америка. Сега Пјонгјанг има способност да детонира нуклеарна бомба дури и врз американскиот главен град, Вашингтон.
Ова им го овозможува новата балистичка ракета Хвасонг-15. Нејзиниот последен тест се одржа на 29 ноември 2017 година, а аналитичарите на американската воена разузнавачка служба проценуваа дека максималниот домет е околу 13.000 километри. Според аналитичарите, Хвасонг-15 може да носи доста тешка боева глава, а тоа би му овозможило на Ким Џонг Ун да ја погоди Америка со нуклеарна бомба илјадници пати помоќна од оние што беа фрлени врз Хирошима и Нагасаки.
Воената команда на САД во Јужна Кореја ја призна способноста на Пјонгјанг да ја погоди целата територија на САД, иако медиумите во Сеул до скоро овие информации ги сметаа само за севернокорејска пропаганда. По успешните тестови, Северна Кореја објави дека ќе ппрестане со нуклеарни и ракетни тестови, а тоа го почитува од крајот на 2017 година. Во меѓувреме започна и дијалогот меѓу Вашингтон и Пјонгјанг за смирување на ситуацијата.
Се шпекулира дека една од причините за нормализацијата на дипломатијата меѓу двете земји, се токму успешните ракетни и нуклеарни тестови на изолираната тоталитарна држава. Пјонгјанг освен нуклеарни и водородни бомби, поседува и средства за нивна испорака.
Првиот состанок во последните 10 години меѓу лидерите на Северна и Јужна Кореја се случи околу 4 месеци по интерконтиненталниот ракетен тест. Историскиот прв состанок меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и Ким Џонг Ун се одржа околу 6 месеци по тестирањето на балистички ракети, за кои сега се знае дека можат да стигнат до Вашингтон.
Според една од најновите вести од Северна Кореја, следната цел на режимот е да воспостави безбезносен систем на воздушна одбрана кој ќе може да се справи и со најнапредните американски стелт борбени авиони и бомбардери.
Текстот Северна Кореја има нуклеарни ракети со кои може да го погоди секој град во Америка е превземен од Reporter.mk.