Вчера во Белград е убиен 57-годишниот Драгослав Миша Огњановиќ, адвокатот што го застапуваше Слободан Милошевиќ во Хаг, а потоа беше адвокат и на неговата вдовица Мира Марковиќ. Тој е убиен на улица пред зградата во која живеел. Според „Блиц“, Огњановиќ последните години бил адвокат на многу луѓе од српското подземје.
Во пукањето е повреден и неговиот 26-годишен син Петар, кој е пренесен во болница. Неговата ќерка, пак, во времето на пукањето го паркирала автомобилот од спротивната страна на улицата. Според сведоци на настанот, напаѓачот косел костум и качулка преку главата, па откако го убил адвокатот, избегал кон блиската автобуска станица и влегол во првиот автобус.
Адвокатот беше оженет со Сања Папиќ, поранешната Мис Србија. Таа е на летување во Хрватска со нивната деветмесечна ќерка. За убиството на нејзиниот маж дознала од медиумите, рекле за „Блиц“ нејзини пријатели. Во времето на убиството на својот инстаграм-профил објавила слика како си игра со ќерката, без да знае што се случува дома, откриле пријателите за српскиот портал.
Огњеновиќ е долгогодишен адвокат на семејството Бојовиќ, едно од најпознатите криминални семејства во Србија. Според тамошните медиуми, последните месеци се убиени неколку пријатели и соработници на ова семејство. Полицијата трага по напаѓачот и се обидува да дознае дали убиството на адвокатот е поврзано со неколкуте претходни ликвидации во Белград.
Текстот Среде улица во Белград убиен адвокатот на Слободан Милошевиќ е превземен од Reporter.mk.