Сателитските снимки што се направени пред повеќе од година над Антарктикот покажале дупка широка илјадници километри. Дупката која се појавила на средината на масивниот антарктички мраз се формирала над Веделовото Море, велат научниците и додаваат дека ваква голема дупка досега не била регистирана. Според нив, постојат неколку теории за тоа како настанала дупката. Експертите го поврзуваат ширењето на дупката со силниот циклон што се случил во септември 2017 година.
Кога дупката во мразот била првпат забележана, на средината на септември 2017 година, таа зафаќала околу 9,5 илјади квадратни километри. На средината на октомври се проширила на 80.000 квадратни километри. За време на летото, со топењето на ледот на Антарктичкото Јужно Море, дупката се споила со отворениот океан.
Научниците сметаат дека новите информации за настанатата дупка ќе им бидат од големо значење, првенствено затоа што ги добиваат во времето на големите климатски промени. Тие сметаат дека растечките температури можат да ја изменат силата и фреквенцијата на поларните циклони и да влијаат на промените на дупките и океаните.
Отворот се наоѓал непосредно над огромната подводна висорамнина Мод Рајз, каде ваквите слични отвори во антарктичкиот океански лед се забележани на сателитските снимки во 1970-тите години од минатиот век. Ова не е случајност, смета Дејвид Холанд, автор на една студија направена за Истражувачкиот институт на Универзитетот Њујорк во Абу Даби. Тој објаснил дека на подводната висорамнина Мод Рајз забележал топла, густа, солена вода, која обично се задржува во близина на морското дно и потоа се потиснува на површината.
Со доаѓањето на големата бура, дошло до мешање на топлата вода со студената, свежа вода на површината на Веделовото Море. Комбинирајќи ги сателитските снимки и климатските модели, научниците утврдиле дека отворањето на дупката се поклопило со циклонот што се формирал над подводната висорамнина. Научниците веруваат дека циклонскиот ветер го турнал мразот од центарот кон надворешноста и притоа се создала дупката што продолжи да се шири и во наредниот период.
Текстот (Видео) Научниците ја решија мистеријата со големата дупка на Антарктикот е превземен од Reporter.mk.