(Видео) Пародија на победничката песна на Евровизија

Амбасадата на Израел во Холандија поднесе официјална протестна нота поради пародија на израелската победничка песна на Изборот за песна на Евровизија, Тоy што ја пееше Нета, а за која критичарите рекоа дека е на граница да биде анти-израелска и антисемитска.

Во сатиричната холандска ТВ-емисија беше исмеана песната Toy која холандски музичари ја препеаја со изменет текст во кој остро го напаѓаат Ираел и односот на оваа земја кон Палестинците.

Амбасадорот на Израел во Хаг испрати протестно писмо до холандската ТВ-станица што ја објави снимката, до Министерството за надворешни работи и до Централната еврејска управа што ја обединува еврејската заедница во Холандија.

„Погледни ме, јас сум многу слатка земја, светски лидери ми јадат од дланка, со еден бакнеж го гасам секој оган. Правиме забава, дали доаѓате? Подоцна, во џамијата Ал Акса што наскоро секако ќе биде празна“, гласи изменетиот текст во втората строфа од пародичната песна.

Наместо рефренот „Не сум твоја играчка“, текстот е сменет во „Гледај колку убаво палам ракети“.