Угина последниот машки суматрански носорог во Малезија

Официјалните малезиски претставници соопштија дека угина последниот машки суматрански носорог, што е удар за напорите за зачувување на загрозените видови во таа земја.

„Носорогот наречен Там имаше околу 30 години и живееше во резерватот за диви животни во државата Сабах на островот Борнео откако беше фатен во 2008 година“, вели Кристина Лиев, државна министерка за туризам, култура и животна средина, според британски „Телеграф“.

Суматранскиот носорог, најмалиот вид  носорог, беше прогласен за исчезнат во дивината во Малезија во 2015 година.

Експертите за дивиот свет проценуваат дека има само 30 до 80 суматрански носорози во светот, главно на индонезискиот остров Суматра и на индонезиската страна на Борнео.

Главни причини за изумирањето на овој вид се изолацијата, спреченоста да се размножуваат и ловокрадството, па тој може и да изумре за неколку децении, тврди конзерваторската група Интернејшнл рајно фаундејшн.

Лиев додава дека генетскиот материјал на угинатиот мажјак е сочуван заради натамошни обиди за размножување преку вештачко оплодување.

Текстот Угина последниот машки суматрански носорог во Малезија е превземен од USB.mk.