Францускиот репрезентативец и фудбалер на ПСЖ, Килијан Мбапе, ќе ги донира парите што ги заработи на Светското првенство во хуманитарни цели. Тој ќе добие околу 180.000 евра за седумте одиграни средби во Русија и уште 320.000 евра за златниот медал што го освои со репрезентацијата. Сите пари, половина милион евра, ќе ги донира на хуманитарната организација Premiers de Cordee, која се грижи за болни и хендикепирани деца чии родители се соочуваат со финансиски проблеми.
„Килијан е неверојатна личност. Има толку многу обврски, но кога има време, доаѓа да се дружи со децата. Секогаш ги наоѓа вистинските зборови за да ги охрабри најмалите, да им го разубави денот што го минуваат заедно. Искрено, кога ги гледам, мислам дека самиот Мбапе ужива во дружбата повеќе од нив, тоа е најдоброто од сè“, рекол за француските медиуми Себастијан Руфан, генерален менаџер на организацијата.
На почетокот на првенството 19-годишниот Мбапе изјави дека играњето за репрезентацијата треба да е чест за секој фудбалер. Тој уште по првиот натпревар на првенството рече дека сите заработени пари ќе им ги даде на оние што им требаат најмногу и дека се надева оти Франција ќе стигне што е можно подалеку за да има повеќе пари за донации.
Текстот Мбапе ќе донира 500.000 евра за болни и хендикепирани деца е превземен од Reporter.mk.