Со 3:2 во сетови, српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ го победи Швајцарецот Роџер Федерер во финалето на годинашниот Вимблдон. Со тоа, Новак ја освои петтата титула на турнирот во Лондон. Мечот што траеше 5 часа и 10 минути, Новак го доби во тај-брејк во петтиот сет.
Ова беше 48. меѓусебен дуел на Ѓоковиќ и Федерер, а Новак стигна до 26. победа, овој пат со 7-6(5), 1-6, 7-6(4), 4-6, 13-12 (7-3). Федерер во петтиот сет при 8-7 имаше две меч топки, но не успеа да ги искористи.
„Ова беше можеби највозбудливото финале што некогаш сум го играл. Мило ми е што беше против одличниот Роџер, тенисер кого многу го почитувам“, рече најдобриот светски тенисер по финалето.
Победничкиот трофеј на Ѓоковиќ му го врачи Кејт Мидлтон, војвотката од Кембриџ. Таа заедно со својот сопруг, принцот Вилијам, го следеше машкото финале на Вимблдон.
Текстот Новак Ѓоковиќ петти пат го освои Вимблдон е превземен од Reporter.mk.