Последната сезона од серијата „Игра на тронови“ доби 32 номинации за наградата Еми. Дел од актерите од серијата и меѓусебе ќе се борат за најпрестижната ТВ-награда. Ова е рекорден број номинации за една серија досега, а „Игра на тронови“ го сруши рекордот на „Њујоршките сини“ од 1994 година, кога добија 27 номинации во една сезона.
Номинација за Еми добија дури десет актери и актерки од серијата – Емилија Кларк, Питер Динклиџ, Кит Харингтон, Софи Тарнер, Мејзи Вилијамс, Лена Хиди, Алфи Ален, Гвендолин Кристи, Николај Костер-Валдау и Карис фан Хоутен, а најбројни се во категоријата најдобра женска споредна улога во драмска серија – дури четири.
„Игра на тронови“ е веќе најуспешната серија во историјата на Еми наградите, со 47 освоени статуетки.
На второто место по бројот на номинации годинава е „Прекрасната госпоѓица Мејзл“ со 20. Уште една хит-серија на „Ејч-би-о“, „Чернобил“, ќе се бори за 19 награди, а номинирани се и главните актери Џаред Харис, Емили Вотсон и Стелан Скарсгорд.
Наградите Еми ќе бидат доделени на 22 септември.
Текстот „Игра на тронови“ со најмногу номинации за наградата Еми е превземен од Reporter.mk.