Затоплување како во моментов досега не е забележано во нашата ера

Брзината и опсегот на глобалното затоплување денес надминува сè што е забележано во изминатите 2000 години, тврдат научниците.

Според нив, познатите историски случувања како „младото ледено доба“ не можат да се споредат со нивото на последиците од глобално затоплување во изминатиот век, пренесува Би-би-си.

Нивното истражување покажува дека во моментов нивото на затоплување е повисоко од кога и да било претходно.

Научниците кажуваат дека најновите показатели ги фрлаат во вода сите аргументи кои досега ги користиле климатските скептици.

За да се дојде до овие заклучоци истражувачите користеа податоци за температурата составени од речиси 700 индикатори.

„Во текот на изминатите 2000 години, глобалните температури никогаш не се зголемиле толку брзо како сега“, се наведува во студиите објавени во момент кога Западна и Северна Европа страдаат од вториот бран на жешко време за само еден месец.

Станува збор за две одделни студии кои анализираат 2.000 години на трендови во климатската историја на нашата планета.

„Овие студии, конечно треба да ги спречат климатските скептици кои тврдат дека неодамнешното глобално затоплување е дел од природниот климатски циклус“, изјави Марк Маслин од Универзитетскиот колеџ во Лондон, коментирајќи ја студијата.

Првата студија, објавена во списанието „Нејчр“, покажува дека за време на „малото ледено доба“ (1300-1850) било извонредно студено во Европа и САД, но не било ладно насекаде на планетата.

„Кога се враќаме во минатото, наоѓаме регионални феномени, но никој не е глобален“, вели Нејтан Стејгер од Универзитетот Колумбија во Њујорк.

„Во моментов, затоплувањето е глобално, 98 отсто од светот се загреа по индустриската револуција“, додава тој.

Вториот напис во „Нејчр геосајнс“ ја испитува просечната промена на температурата за кратки периоди од неколку децении.

Нивните заклучоци се јасни – во ниеден момент од почетокот на нашата ера температурите не се зголемувале толку брзо и редовно како на крајот на дваесеттиот век, кога во повоениот период, производството (поттикнато од фосилни горива) и потрошувачката достигнале невидени нивоа.

„Овој резултат го нагласува вонредниот карактер на сегашните климатски промени“, објаснува Рафаел Неуком од Универзитетот во Берн во Швајцарија, коавтор на студијата.

Текстот Затоплување како во моментов досега не е забележано во нашата ера е превземен од USB.mk.