Девојка трипати пријавила дека е киднапирана, а полицијата ја игнорирала

Петнаесет годишната Александра М. од Романија, во четвртокот утрото од својот мобилен трипати успеала да пријави во полиција дека е киднапирана, но полициските служби ја игнорирале и не реагирале на пријавите.

По тој повод романскиот министер за внатрешни работи го отпуштил шефот на полицијата. Александра трипати јавила дека ја киднапирал маж околу нејзиното родно село во близина на градот Каракала, кој се наоѓа на југот во Романија.

Девојката во четвртокот утрото успеала три пати да се јави во полиција и детално опишала каде е затворена.
„Тој доаѓа, тој доаѓа“, викала Александра во слушалката, а потоа врската се прекинала.

 

Нејзиното семејство тврди дека надлежните не реагирале на нејзините повици, додека полицијата наведува дека имале проблем да ја пронајдат. На полицијата им биле потребни 19 часа да ја лоцира девојката.

Кога влегле во куќата откриле отпечатоци од човек и накитот кој девојката го носела. Потоа бил приведен 65 годишен маж на испрашување.

Полицијата се сомнева дека остатоците кои биле пронајдени и припаѓале на 15 годишната Александра, но и на уште осумнаесетгодишна девојка за која се имало информации дека исчезнала уште во април.

Форензичките аналитичари велат дека треба да го потврдат нивниот идентитет. Илјадници гневни Романци излегоа во знак на протест, поради реакциите на надлежните и смртта на девојката.

Се проценува дека 2000 демонстранти минале низ центарот на Букурешт, во знак на протест поради начинот на кој властите постапиле во овој случај.

Демонстрантите носеле транспаренти на кои пишувало „Корупцијата убива“, „Нивната крв е на вашите раце“ и „Ја убиваат Романија“, пренесуваат светските агенции.

Текстот Девојка трипати пријавила дека е киднапирана, а полицијата ја игнорирала е превземен од Reporter.mk.