Менаџментот ја укина „Утринска на Телма“

Од септември веќе нема да се прикажува „Утринска на Телма“. Една од најпопуларните емисии кај нас, чии водители беа Марко Марк, Цеце Трајковска, Елена Вишка и Гоце Андреевски, ќе престане да се емитува по повеќе од три години. Веста дека менаџменот на телевизијата ја укинува утринската емисија предизвика неверување и бурни реакции во јавноста. Публиката е незадоволна, разочарана и на социјалните мрежи коментираат дека не е фер што најгледаната, најзабавна и најпозитивна емисија ќе престане да постои. Цеце, Гоце, Елена и Марко, пак, преку статус на „Фејсбук“ им се заблагодарија на сите гледачи, соработници и учесници во емисијата што беа со нив изминативе години, а кои секој ден се будеа и дружеа со „Утринска на Телма“. Велат, со тажно срце ја завршуваат нивната заедничка приказна.

„Со најтажно срце поради вас, нас, нашата љубов и конекција која ја создадовме единствено со душа и целосно уживање, мораме да соопштиме. Најдраги наши пријатели, другари, почитувачи на нашата работа и на сето тоа што го правевме во изминатите 3 години сакаме да ве известиме дека ‘Утринска на Телма’ од септември нема да оди во етерот. Причините се познати на менаџментот и управата на Телма телевизија.

Како и да е, сакаме да ви заблагодариме за целата поддршка и љубов што постојано ја добивавме од вас. За сите заеднички кафиња наутро, за целата прекрасна енергија која взаемно си ја праќавме, за насмевките и убавините поминати во 4-часовното шоу во живо. Ние ќе наздравиме за сите вас, ќе ви посакаме да сте и понатаму така прекрасни и среќни, а со нас се гледате во некоја друга форма без разлика дали телевизиска или поинаква.
Со почит и многу љубов вашите утринци: Елена, Гоце, Марко и Цеце.

П.С: секако, огромна благодарност и до целиот тим што работеше зад камерите, во монтажа, во режија и гостите кои безрезервно и со цела душа и енергија доаѓаа во нашата емисија“, стои во статусот на нивната фејсбук-страница.

„Утринска на Телма“ почна да се емитува во април 2016 година. Изминатите три години во емисијата гостуваа многу глумци, музичари, јавни личности, доктори, луѓе со интересни приказни и хобија кои ги раскажуваа на гледалите. Публиката постојано ја фалеше нивната позитивна енергија. Па, откако водителите објавија дека емисијата е укината, добија силна поддршка и од колегите новинари и од јавните личности кои им посакаа пак да ги видат заедно на некоја друга телевизија и во некоја друга емисија.

Телевизијата Телма освен „Утринска на Телма“ ќе го прекине и прикажувањето на емисијата за бебиња „Ом+“ на водителката Марија Атанасовска.

Текстот Менаџментот ја укина „Утринска на Телма“ е превземен од Reporter.mk.