Летачкото такси сѐ поблиску до секојдневието (ВИДЕО)

Далас, Лос Анџелес, Мелбурн и неколку други градови по светов наскоро можеби ќе ги добијат своите први летачки такси-возила, познати и како патнички беспилотни летала. Околу 200 такви прототипи се наоѓаат во различна фаза на развој ширум планетата.

Како што пишува „Економист“, комерцијалните услуги веќе се најавуваат за наредниве неколку години. Убер планира такво нешто да отпочне уште 2023 година.

– Многу е поголемо значењето на она што можеме да го направиме. Може на смислен начин да го пренесеме превозот од копно во воздухот, изјави Ерик Алисон од Убер.

Освен Убер, и германската компанија Волокоптер деновиве го спроведе својот прв пробен лет. Летајќи над фудбалско игралиште во Штутгарт, нивното летало со 18 ротори покажа како ќе функционира летачкото такси. Eдна друга германска компанија – Лилиум од Минхен, ги најавува своите летачки такси-услуги до 2025 година. Кинескиот производител Е-Ханг исто така работи на сличен проект.

Но, она што допрва следи, е утврдување на стандардите и правилниците за одобрување летови со вакви роботизирани летала. Во сѐ тоа помага и американската вселенска агенција НАСА, којашто во соработка со Убер би требало да изработи систем на сообраќајни контроли за новиот вид сообраќај.

Текстот Летачкото такси сѐ поблиску до секојдневието (ВИДЕО) е превземен од USB.mk.