(Видео) Јолевски: „Бесачи“ е црна комедија, а ликовите се насилници

Следната недела, на 24 септември, во МНТ ќе се одржи премиерата на претставата „Бесачи“ од британско-ирскиот автор Мартин Мекдонa, во режија на бугарскиот режисер, Јавор Грдев. Пред премиерата, актерот Ѓорѓи Јолевски, говори за темата на претставата, соработката со режисерот и неговите очекувања за приемот на публиката.

„Бесачи“, според Јолевски, е исклучително возбудлива претстава полна со црн хумор. Текстот, како што рече, е современ, силен и актуелен, а режисерот Грдев направил претстава адекватна на висината на текстот.

„Претставата е за луѓето кои се за смртната казна, луѓе преполни со предрасуди и насилство агресија, ограничен ум… Секојдневно има вести како некој е убиен, уништен, претепан без никакви последици за извршителите на насилството. Ликовите во оваа претстава се токму тие, насилниците“, рече Јолевски.

Актерот посочи дека иако темата на претставата е смртната казна, контекстот не ја заобиколува и државава. „Светот во кој живееме станува агресивен, морбиден и фригиден… Македонија е извор на насилство и корпција“, рече Јолевски во интервјуто.

„Ова е едно од поубавите искуства што ги имав. Беше големо уживање. Се работеше насилничка претстава во исклучително демократски концепт. Јавор е неверојатен забавувач, исклучително интелигетен, многу фокусиран, паметен, методичен… Тој го користи актерот како извор во неговиот концепт, кој е доста херметичен, затворен… Потребно беше да се игра тајната, а да не се зборува за неа“, вели актерот за претставата.

Во „Бесачи“ игра веќе докажаната актерска екипа од ансамблот на МНТ: Никола Ристановски, Кире Ѓоревски, Јордан Симонов, Камка Тоциновски, Дарја Ризова, Благој Веселинов, Ѓорѓи Јолевски, Славиша Кајевски, Владо Јовановски, Гораст Цветковски, Александар Микиќ, Александар Михајловски, Нелко Нелковски, Трајче Ѓоргиев. Асистент на режисерот е актерката Звездана Ангеловска, драматург е Дејан Дуковски, а композитор на музиката е Калин Николов.

За бугарскиот режисер Јавор Грдев ова е прва соработка со МНТ. Тој е еден од најзначајните бугарски и современи европски театарски режисери. Досега поставил над 30 театарски претстави во повеќе земји низ Европа и добитник е на повеќе од 45 награди.

Авторот на текстот, Мартин Мекдона, е познат по неговите црни комедии кои се поставени во голем број театри низ светот. „Сакатиот од Инишман“, „Поручникот од Инишмор“, „Човек перница“, „Убавицата од Линејн“, а за неколку од нив е и номиниран на престижните награди „Тони“ и „Лоренс Оливие“.

Васко Маглешов 

Текстот (Видео) Јолевски: „Бесачи“ е црна комедија, а ликовите се насилници е превземен од Reporter.mk.