Истражување: Мртвите тела се поместуваат и една година по смртта

Според најновата студија, починатите во првата година по закопувањето не почиваат во целосен мир. И тоа буквално. Имено, и по повеќе од 12 месеци лешовите значително се поместуваат.

Иако звучи како воведна сцена од некој хорор-филм, всушност, станува збор за информации кои би можеле да бидат од голема важност за форензичките истраги.

Најмногу ги поместуваат рацете

Научници од австралиски истражувачки центар за проучување на посмртните остатоци, кој локално го нарекуваат фарма за тела, 17 месеци снимале лешови во распаѓање и увиделе дека тие се поместуваат цело време.

– Откривме дека во значителна мера се поместуваат рацете, односно рацете кои на почетокот биле покрај телото, завршуваат настрана – истакнува лекарката Алисон Вилсон од Универзитетот од Централен Квинсленд.

Таа додава дека очекувале некои посмртни движења во многу раните фази на распаѓање, но дека ги изненадило тоа што лешовите се поместувале во текот на целото снимање.

– Сметаме дека движењата настануваат поради процесот на распаѓање, при што телото се мумифицира, а лигаментите се сушат, објаснува Вилсон.

Помош при истрагите на неразјаснети смртни случаи

– Овие сознанија би можеле да бидат од голема корист во истрагите на неразјаснетите смртни случаи бидејќи досега форензичарите претпоставуваа, освен ако немаше докази, дека телото го поместуваат животни или луѓе, дека положбата на откриеното тело е иста како онаа во која било во моментот на смртта – објаснува Вилсон.

Студијата за поместувањето на лешовите, правена 17 месеци, сè уште не е официјално објавена, но важно е да се напомене дека всушност станува збор за продолжение на претходно истражување.

Извор: Index.hr

Текстот Истражување: Мртвите тела се поместуваат и една година по смртта е превземен од USB.mk.