Новиот издавачки центар Heroes наскоро со интересна понуда за широката публика – квалитетните книги ќе бидат достапни за прифатлива цена со што ќе се популаризираат хероите од разни книги кои во себе носат поуки за реалниот живот и учат за високи животни вредности.
За остварување на оваа мисија идавачкиот центар почнува со работа преку малку поинаков концепт и идеја од класична издавачка куќа. Книгите ќе се издаваат еднаш неделно и ќе им бидат достапни на читателите во сите градови и населени места во земјата каде што се продава дневниот печат, односно ќе бидат достапни на повеќе од 750 продажни места.
Покрај големата распространетост на книгите, тие ќе бидат и економски достапни на читателите, односно ќе можат да се набават по промотивна цена од 100 денари, доколку се купат заедно со дневен печат.
„Ние ќе се стремиме да го поттикнеме читателот во секого од нас, создавајќи привлечни изданија од повеќе категории, вклучувајќи популарна наука, прилагодени класици за рана возраст, илустрирани приказни, современи класици, популарна психологија, едукативни игри и загатки. Со само 15 минути одделени во текот на денот може да се прочитаат дури 2 книги месечно. Ве предизвикуваме да ги најдете тие 15 минути, а ние со нашата програма ви ветуваме дека ќе ги збогатиме вашите животи со многу интересни приказни и херои“, велат од Heroes.
Издавачкиот центар ќе донира 5 проценти од профитот од секоја продадена книга во обнова на библиотеки во домови за деца без родители, болници за деца со ретки болести, освежување на училишните библиотеки, групни домови низ државата и уште многу места кои ќе бидат заеднички мапирани со читателите.
Текстот Читајте книги за 100 денари – понуда на издавачкиот центар Heroes е превземен од Reporter.mk.