Од Медитеранот до Јапонското море, октоподот се смета за деликатес, а неговата побарувачка постојано расте. Годишно се уловуваат околу 350 илјади тони, а две третини од уловот отпаѓа на азиските земји како Јапонија и Јужна Кореја, но и некои европски земји како Шпанија и Италија кои се големи увозници.
За да го задоволат растот на побарувачката, многу земји експериментираат со одгледување на октопод во вештачко опкружување. Една јапонска компанија во 2017 година успеала да одгледа јајца од октопод во заробеништво, а намерата им е да ја отворат и првата фарма во 2020 година. Шпанците експериментираат со мрежни кафези, тенкови на суво и големи морски ранчеви.
Група научници од универзитетот Њујорк тврди дека одгледувањето на октоподи треба да се избегнува поради еколошки, но и етички причини.
Постојат огромен број истражувања кои сугерираат дека октоподот спаѓа во категоријата на најкомплексни и најинтелигентни животни во океанот. Тие препознаваат човечки лица, решаваат задачи, а точните одговори ги паметат со месеци. Покрај сето тоа, постојат и докази и дека чувствуваат болка и страдање. На интернет можат да се најдат голем број видеа од октоподи кои бегаат од тенкови или им го крадат уловот на рибарите, што само дополнително ја зајакнува фасцинацијата со единствениот безрбетник кого Декларацијата за свесноста од Кембриџ од 2012 година го сместува помеѓу суштествата кои чувствуваат, токму како и цицачите и птиците.
Да се држат интелигентни животни како што се октоподите на големи индустриски фарми отвара низа етички прашања, а многу се сведува на тоа како аквакултурата се развива во последните децении. Постоечката аквакултура, тврдат научниците, се ослонува на строго контролирано и монотоно опкружување со константни амбиентални услови, стерилно оградени простории и нефлексибилен распоред на хранење. Ова е потполно неприфатливо за љубопитниот и активен октопод кој во таквите услови може да стане агресивен, да развие инфекции и да умре.
Освен етичките прашања, тука е и проблемот со влијанието врз околината. Количината на храна потребна за да се одржи растот на октоподот е три пати поголема од тежината на самото животно, а бидејќи октоподите се месојадци и се хранат со рибино масло и протеини, одгледувањето претставува дополнителен притисок на веќе исцрпениот морски екосистем.
Иако побарувачката расте, одгледувањето на октоподи е индустрија која сè уште е на почеток. Истражувачите и одгледувачите мора да пронајдат начин како да ги одржуваат во живот во текот на нивното растење, а постоечките фарми исклучително тешко пронаоѓаат начини како да држат толку интелигентно животно под контрола. Инаку, октоподот е едно од бројните животни кои луѓето ги користат како храна, а идејата за одгледувањето поставува и клучни прашања за нашата врска со природниот свет кој е упропастен и кој продолжуваме да го упропастуваме.
Извор: B92.net
Текстот Милиони луѓе низ светот јадат октопод, а еве зошто не смеат тоа да го прават е превземен од USB.mk.