„Кроација рекордс“ издаде албум со најголемите хитови на „Леб и сол“

Дискографската куќа „Кроација рекордс“ од Загреб издаде албум со најголемите хитови на легендарниот македонски бенд „Леб и сол“ –  „Колекција на најголемите хитови на Леб и сол“. На цедето со 18 песни се вклучени хитовите на Влатко Стефановски, Бодан Арсовски, Кокан Димушевски, Гарабет Тавитјан и Драгољуб Ѓуричиќ, снимени во периодот од 1978 до 1989 година. На обвивката е култниот омот од „Као какао“, најпознатиот и најкомерцијален албум од бендот.

На албумот со најголемите хитови на „Леб и сол“ се „Као какао“, „Чувам ноч од будних“, „Абер дојде, Донке“, „Калабалак“, „Таласна дужина“, „Мамурни људи“, „Кумова слама“, „Скопје“, „Контакт је скуп“, „Нисам твој“, „Бистра вода“, „Деветка“, „Путујемо, „Кокошка“, „Тако близу“, „Жива рана“, „Јовано, Јованке“ и „Чукни во дрво“.

Ова е прво вакво издание на „Леб и сол“ во последниве 10 години, откако во 2008 година ја издадоа „Ултимативна колекција“ со „Кроација рекордс“ и претходно во 1995 година ја промовираа „Антологија“ за „Трето уво“.

 

Текстот „Кроација рекордс“ издаде албум со најголемите хитови на „Леб и сол“ е превземен од Reporter.mk.