Поранешниот претседател на Уругвај, Хозе Мухика, е познат како најсиромашниот претседател на светот. Тој вчера поднесе оставка на сенаторското место во уругвајскиот парламент и соопшти дека не сака да добива никаква пензија врз основа на својот сенаторски стаж. Тој беше дел од праламентот од 2015 година, откако му заврши претседателскиот мандат.
83-годишниот Мухика испрати писмо во кое најави дека се повлекува поради лични причини.
„Мотивите за мојата оставка се лични. Би го нарекол тоа умор по долгото патување. Но, дека додека мојот мозок функционира, не можам да се откажам од солидарноста и борбата за идеи“, стои во оставката.
Мухика стана познат во јавноста оти за време на претседателскиот мандат најголемиот дел од својата плата го даваше во добротворни цели, а од месечната плата што изнесува 12.500 долари за себе задржуваше само 1.250 долари. Другите ги префрлаше на сметка на организација што ги поддржува малите претпријатија и на невладини организации што работат на изградба на станбени објекти за сиромашните.
Кога стана претседател поседуваше само автомобил „фолксваген буба“ од 1987 година за кој во 2014 година му беа понудени милион долари. Мухика го одби предлогот со образложение дека ако го продаде возилото, ќе нема со што да го вози своето куче, кое има три нозе.
Текстот Најсиромашниот претседател на светот не сака пензија е превземен од Reporter.mk.