Сирење старо 3.200 години пронајдено во гробница во Египет

Археолозите кои истражуваат гробница од древен Египет пред неколку години пронајдоа состојка за која потврдија дека е едно од најстарите сирења што биле некогаш пронајдени, пренесува „Би-би-си“. Сирењето е старо околу 3.200 години, тврдат тие.

Пред неколку години, тим археолози најде скршени ќупови во гробницата на Тамес, градоначалник на античкиот град Мемфис. Тие пронајдоа цврста бела маса во еден од ќуповите и претпоставуваа дека е храна. Испитувањата потврдија дека станува збор за сирење.

„Откритието е значајно бидејќи претходно немавме никакви докази за производство на сирење во древен Египет. Знаеме дека сирењето е направено од овчо и козјо млеко, но не можам да замислам каков вкус имало“, рекол д-р Енрико Греко од Универзитетот во Катанија во списанието „Аналитичка хемија“. Тој работел со колеги од Универзитетот во Каиро на утврдувањето на состојката.

„Античкото сирење би имало навистина, навистина кисел вкус“, изјавил историчарот за сирење и професор по хемија Пол Кинстет за „Њујорк тајмс“.

Истражувачите рекле дека нашле и траги од бактерија која може да предизвика бруцелоза, која се добива од јадење непастеризирани млечни производи. Ако се докаже тврдењето за бактеријата, тоа ќе биде доказ за најстар случај на бруцелоза во светот.

Гробницата во некрополата Сакара во близина на Каиро за првпат била откриена во 1885 година. Подоцна била покриена со наноси песок, па археолозите повторно ја открија пред осум години.

Текстот Сирење старо 3.200 години пронајдено во гробница во Египет е превземен од Reporter.mk.