(Видео) Почнува втората сезона на „Фамилијата Марковски“

Втора сезона од популарната македонска серија „Фамилијата Марковски“ ќе почне да се прикажува оваа сабота (09 ноември) на „Канал 5“ телевизија. Серијата која минатата сезона ги освои симпатиите на публиката, го прикажува секојдневието на членовите на семејството Марковски и предизвиците што ги носи живеењето во едно дисфункционално општество.

Во главните улоги настапуваат Силвија Стојановска (Лиле), Александар Миќиќ (Иван), Тамара Ристоска (Јана), Владимир Петровиќ (Виктор) и Петар Петковски (Бојан), а режисер е Даријан Пројковски. Серијата е во продукција на „Арт проект лаб“. И втората сезона ќе се насочи на личните приказни на семејството кои го илустрираат македонското секојдневие и допираат многу теми кои често завршуваат на маргините.

„Со првата сезона се обидовме да допреме теми кои тогаш, но за жал и денес се сѐ уште актуелни. Публиката го препозна импулсот на серијата и ни дозволи да ја раскажеме приказната онака како што ја замисливме. Со втората сезона одиме уште подалеку, обработувајќи теми како семејното насилство, зависноста од коцкање и онаа можеби најболна тема за македонското општество – иселувањето на младите. Дејствието и овој пат е инспирирано од вистинити приказни од животот на граѓаните“, велат продуцентите на серијата.

Серијата покрај премиерата во сабота во 19:20 часот ќе има реприза во недела од 17:00 часот.

Текстот (Видео) Почнува втората сезона на „Фамилијата Марковски“ е превземен од Reporter.mk.