Британската кралица Елизабета и нејзиниот сопруг, принцот Филип, денес прославуваат 72 години брак. Двојката, која се венча на 20 ноември 1947 година, има четири деца – принцовите Чарлс, Едвард и Ендру, и принцезата Ана. Нивната љубовна приказна почнала кога Елизабета имала само 13 години, иако нејзините родители не го поддржале нејзиниот избор. Но, Елизабета не крие дека била среќна во бракот, и покрај сите проблеми што ги имале низ годините.
Елизабета и Филип се запознале 1934 година, Елизабета имала само осум години. Во времето кога се запознале, Елизабета не требала да биде кралица, туку нејзиниот постар брат Едвард. Тој се откажал од тронот за да се омажи со Американка, па Елизабета уште на десет години почнала да го живее животот на идна кралица. Со Филип повторно се сретнале пет години подоцна и почнале да се дружат. Пријателството се претворило во љубов, а во 1946 година, тој побарал дозвола од британскиот крал Џорџ да се ожени со Елизабета.
Елизабета и Филип се роднини
Бракот на Елизабета и Филип е многу различен од другите. Тие се далечни роднини. Двајцата имаат потекло од кралицата Викторија, која владеела со британската монарија во 19 век. И покрај кралската крв, тие растеле потполно различно, Елизабета во благосостојба, со дадилки и приватни учители, а семејството на Филип најчесто било без пари.
Нејзиниот татко се противел на бракот
Кралот Џорџ Шести стравувал дека на Британците нема да им се допадне идната кралица да се омажи за сиромашен грчки принц со германски роднински врски. Но, повеќе му пречело однесувањето на Филип, кого го опишувал како „прост морнар“ и неговиот гласно, невоздржано смеење. Мајката на Елизабета предвидувала дека Филип ќе биде неверен маж, што неколкупати се покажало точно. Но, Елизабета сепак се омажила за него веднаш откако наполнила 21 година.
Филип морал да се откаже од сестра си
За да стане маж на Елизабета, Филип морал да го прифати британското државјанство и да се откаже од врските со Германија. На венчавката не смеел да повика никој од германската страна на семејството, па дури ниту својата сестра (сите три сестри на Филип биле омажени за германски нацисти).
Венчаницата ја купила самата Елизабета, со купони
Бидејќи се венчале во 1947 година, кога во Британија сè уште владеела поствоената состојба, Елизабета, како и сите други невести, морала да го купи материјалот за венчаницата со бонови. Таа ги дала боновите што ги имала заштедено, а владата ѝ доделила дополнителни 200 бона. За да ѝ помогнат, Британците на принцезата ѝ пратиле уште стотина купони, но таа на сите им ги вратила по пошта, со благодарница. Фустанот од кинеска свила, украсен со цветен вез и кристали и вел од речиси пет метри го креирал Норман Хартнел според сликата „Пролет“ на Ботичели. Го шиеле 350 жени, цели седум недели.
Двојката има одвоени спални соби
Елизабета и Филип имаат посебни спални соби, но собите се поврзани така да можат да бираат дали сакаат да спијат заедно или одвоено.
Таа е неговата кралица, но тој не е нејзиниот крал
Кога во 1953 година Елизабета Втора била крунисана за кралица, Филип и понатаму ја задржал титулата војвода
од Единбург и се заколнал на верност кон кралицата. Принц станал дури во 1957 година и тоа, наводно, за да ги ублажат напнатостите во бракот.
Филип не бил верен маж
Како што се плашела мајката на Елизабета, Филип имал неколку вонбрачни авантури. Најмногу се зборувало и пишувало за дама со која редовно се гледал во стан на еден познат фотограф во Лондон, но се спомнувале и други женски имиња. Кралското семејство никогаш јавно не ги прокоментирало неговите афери.
Во јавност никогаш не се држат за рака
Во текот на годините Елизабета и Филип никогаш не се држеле за рака во јавност, бидејќи кралските правила налагале воздржаност и дискрецијата.
Текстот Принцот Филип морал да се откаже од сестра си за да ја ожени кралицата Елизабета е превземен од Reporter.mk.