Продуцентот на „Боемска рапсодија“ Грахам Кинг почна да работи на својот нов проект. Тој ќе снима биографски филм за кралот на поп-музиката Мајкл Џексон, а во сценариото ќе ги нема контроверзните делови од животот поврзани со педофилија. Американските медиуми пишуваат дека Кинг ќе го проучува целиот труд на Џексон и филмот ќе го посвети на неговиот живот и музичките достигнувања.
Сценариото нема да се фокусира на контроверзните делови кои се прикажани во документарниот филм „Напуштајќи го Неверленд“, документарец кој ја подели јавноста. Имаше такви кои го осудија Џексон и оние кои сметаат дека кралот на поп-музиката беше лажно обвинет.
На почетокот на годината излезе документарецот „Напуштајќи го Неверленд“, филм кој ја следеше приказната на Џејмс Сејфчак и Вејд Робсон. Двајцата тврдеа дека Џексон сексуално ги злоставувал, а во филмот исто така ги открија големиот број тајни на некогашната поп-ѕвезда.
Во јавноста се појавија голем број обвинувања за педофилија на сметка на Џексон и пред излегувањето на документарецот. На неговиот простран имот, постоеле бројни тематски простории каде тој се дружел со децата. Имало неколку железнички и воени соби. Пејачот отсекогаш за себе тврдел дека само сака да се дружи со децата.
Како една од неговите жртви се спомна и името на актерот Меколи Калкин, ѕвездата од филмот „Сам дома“. Иако многумина тврдеа дека глумецот е една од жртвите на Џексон, Калкин ги отфрлал ваквите обвинувања и тврдел дека со Џексон бил близок пријател.
Текстот Грахам Кинг ќе снима документарец за музичките достигнувања на Мајкл Џексон е превземен од Reporter.mk.