Корејската музичка ѕвезда Гоо Хара е најдена мртва во својот дом во Сеул. Полицијата верува дека станува збор за самоубиство, откако и пред шест месеци пејачката се нашла во слична ситуација. Тие велат дека тогаш ја нашле онесвестена во нејзиниот дом, но успеале да ја вратат во живот.
Хара тогаш им се извинила на фановите велејќи дека ѝ е жал што предизвикала метеж и загриженост во јавноста.
„Жал ми е за сè Сега се чувствувам подобро. Бев во агонија но, сега се обидувам да останам цврста и здрава“, напишала Хара на социјалните мрежи.
Хара била најдена мртва само неколку недели откако ја започнала турнејата која требало да биде нејзино големо враќање на музичката сцена.
Медиумите пренесуваат дека ова е втор ваков несреќен случај во Кореја за еден месец, откако и нејзината колешка Сули од истата музичка група ја доживеа истата судбина.
Корејските медиуми пишуваат дека двете пејачки се бореле со депресијата и дека се само дел од неколкуте музички ѕвезди кои не успеале да се носат со притисоците на музичката индустрија.
Во декември 2017 година, Ким Јонг-Хјун (27) од групата „Шини“, исто така се самоуби.
„Скршен сум. Депресијата ме јаде од внатре и повеќе не можам да издржам“, напишал тој во прошталната порака.
Текстот Музичка ѕвезда од Кореја најдена мртва во својот дом е превземен од Reporter.mk.