Сопругата на музичката легенда Оливер Драгојевиќ, Весна, во емотивно интервју за хрватскиот магазин „24 сата“ раскажа за последните денови на пејачот кој пред еден месец почина од рак на белите дробови. Вели дека иако бил долго болен, таа не била подготвена да се прости од него. Понекогаш сака да го викне на вечера, пред да се сети дека е починат.
„Има денови, ми доаѓа да го викнам на ручек или вечера, да се симне од собата на вториот кат кај што гледаше телевизија. Потоа ми текнува дека не е веќе меѓу нас. Не ми доаѓа до свеста дека го нема. Мислам дека никогаш нема да станам свесна дека Оливер почина“, раскажала Весна во интервјуто.
Сопругата на Оливер рекла дека најтешко ѝ било на последното испраќање, кога иладници луѓе излегле на улиците.
„Го нарекуваа својот капетан, а мене срцето ми се кинеше. Човек се гаси. Ете така е. Не постои простување. Последните три-четири дена не зборуваше, само спиеше. Беше оптимист до крај. По цели денови бевме со него во болница. Му правев ручек и му давав да јаде. Тоа е се што можев да направам. Му пуштавме песни што сакаше да ги слуша. Се однесувавме како ништо да нема да се случи. Некогаш беше малку подобро, па малку полошо. Не му зборувавме. За што да се зборува? Не остави без никакви долгови и скандали, се ни е во ред. Беше мирен. Знае дека ние сме добро“, вели таа во интервјуто.
Таа додава дека Оливер до последниот ден се шегувал на сметка на својата бремена снаа.
„Беше духовит човек, сите го знаеја тоа. Снаата ја нарекуваше дебела, а таа не се лутеше. Се радуваше што ќе добие внук. Уште сме во шок. Никој од нас не сонуваше дека ќе биде вака“, рекла Весна.
Текстот Весна Драгојевиќ: Има денови, ми доаѓа да го викнам Оливер на вечера е превземен од Reporter.mk.