На 1 септември почнува кампањата за бесплатна идентификација и регистрација на домашните миленици (кучиња и мачки) што ќе трае до 31 март идната година или додека да се потроши набавената колична од 100.000 микрочипови, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Микрочипирањето ќе се спроведува по принципот „прв дојден, прв услужен“.
За спроведување на кампањата се склучени договори со 135 ветеринарни друштва кои бесплатно ќе ги нанесуваат микрочиповите кај домашните миленици, па ќе ги внесат податоците во информативниот систем на АХВ. Сопствениците ќе треба да платат само 120 денари за да добијат пасош за домашниот миленик што ќе можат да го користат за патување надвор од државата.
Директорот на АХВ, Зоран Атанасов, вели дека на веб-страницата на АХВ ќе биде објавена листата на ветеринарни друштва со кои е склучен договор, во која ќе стојат телефонските броеви и електронската пошта на ветеринарното друштво за да можат сопствениците да стапат во контакт со нив.
„Секој сопственик има законска обврска да го микрочипира својот миленик, а ако не го направи тоа предвидена е казна од 30 евра во денарска противврредност. По завршувањето на кампањата АХВ ќе спроведе зајакнати контроли за да провери дали сопствениците извршиле идентификација и регитрација на нивните домашни миленици. Затоа ги повикувам сопствениците масовно да ја искористат еднократната донација и да ги микрочипираат своите миленичиња“, рече Атанасов. Вели, направени се договори со ветеринарните друштва од целата земја.
Претседателот на Ветеринарната комора Д-р Томислав Николовски вели дека процедурата е безболна и без ризици оти микрочипот е со големина на зрно ориз и е направен од материјал што не создава никави реакции при ставањето. Граѓаните мора да им стават микрочипови на милениците. По завршувањето на бесплатната акција, граѓаните ќе треба да платат 800 денари за микрочипот и дополнителни средства за апликацијата. Казната за сопствениците на миленици што не им ставиле микрочипови на своите миленици ќе биде од 50 до 75 евра. Микрочипирањето ќе помогне и при пронаоѓање на изгубени миленици, а ќе влијае и за намалување на проблемот со кучињата скитници.
Текстот Почнува бесплатно микрочипирање на домашните миленици е превземен од Reporter.mk.