Марко ќе добие 100.000 денари и стипендија од АМС

Откако 12-годишниот Марко Пејчиновски минатиот викенд за 9 часа го преплива Охридско Езеро, Агенцијата за млади и спорт (АМС) ќе му додели еднократна парична награда од 100.000 денари и стипендија „Спортска надеж“. Со ова, тие сакаат да го поддржат неговиот развој во успешен млад спортист и да ги подобрат условите во кои Марко тренира. Марко со преживеан  инфаркт на долните екстремитети исплива 30 километри од Свети Наум до пристаништето во Охрид и со тоа стана најмладиот маратонец. За овој подвиг Марко се подготвуваше една година.

„За подвигот што го направи Марко Пејчиновски, кој на 12 години го преплива Охридското Езеро, ќе му се додели еднократна парична помош од 100 илјади денари и ќе биде вметнат во стипендиите ‘Спортска надеж’ за што како Агенција имаме право да предлагаме лица. Марко јасно ни покажува за каков талент се работи и какви резултати може да очекуваме од него во иднина ако се работи правилно на неговиот раст и развој“, рекол Дарко Каевски, директотор на Агенцијата за МИА.

Тој додал дека АМС ќе состави стручен тим што ќе направи програма за развој и подобрување на спортските услови за Пејчиновски, за момчето во иднина да прерасне во успешен спортист.

 

Текстот Марко ќе добие 100.000 денари и стипендија од АМС е превземен од Reporter.mk.