Андреј и Панчо од дуото „ДНК“ вчера го посетија шестчленото социјално загрозено семејство Симоновски од населбата Ѓорче Петров. Тие на децата им подарија играчки и новогодишни пакетчиња, а на самохраниот татко Ајнур му однесоа и храна и печка на дрва. Тие открија дека семејството живее во многу лоши услови, во само една соба, но и дека немаат струја. Панчо и Андреј апелираат до надлежните да најдат решение за нивниот проблем, а хуманите граѓани да донираат колку можат.
„Денеска предновогодишно одвоивме време за социјално загрозеното семејство Симоновски каде бевме сведоци на уште една неправда, на уште една сурова реалност со којашто судбината решила да си поигра на не толку убав начин. Иако живеат во супстандардни услови, таткото Ајнур нè дочекаа како вистински домаќин, а малите Алмир, Љубица, Јасмина, Леонида и Анџело не ја тргнаа прекрасната насмевка од нивните невини детски лица додека разговаравме. Најмногу се изрдуваа на пакетчињата, а кулминацијата се случи кога ги отворавме играчките. Дониравме храна и печка на дрва бидејќи немаат струја и, како што може да забележите од сликите, седат на свеќа во соба од 5 квадрати. Своите физиолошки и хигиенски потреби ги извршуваат во полско веце и чешма надвор од ‘куќата’ на неподносливи минусни температури. Ве замолуваме од срце и апелираме до сите добри и хумани луѓе да помогнат во границата на своите можности, но и до сите јавни и надлежни институции приоритетно да ги решаваат ваквите проблем. Ниту еден човек, посебно не дете, не заслужува да има ваков живот и вакво детство!!!
Сите што сакаат и можат да помогнат, слободно да се обратат на таткото Ајнур на бројот 077 82 43 28“, стои меѓу другото во нивната порака.
Не е првпат Панчо и Андреј да ја покажат својата хуманост. Тие често донираат за деца и семејства од социјално ранливи категории, за луѓе на кои им требаат пари за лекување во странство, први одвоија средства за пошумување на езерото Младост во Велес по пожарите летоска. Во интервју за „Репортер“ неодамна Панчо рече дека парите што ги даваат можеби не се многу, но дека им се од помош на оние што им требаат, а дека тој и Андреј секогаш ќе им помагаат на оние на коишто им треба нивната помош.
Денеска предновогодишно одвоивме време и бевме да го посетиме социјално загрозеното шестчленото семејство Симоновски од…
Posted by DNK on Понеделник, 16 декември 2019
Текстот „ДНК“ однесе новогодишни пакетчиња и храна за шестчлено семејство е превземен од Reporter.mk.