Ова не е обично BMW, ова е хотелска соба на тркала

Во ова BMW лесно можете да заборавите дека се возите на пат – како во хотелска соба, можете да уживате во читање книга или да спиете…

Напредокот на технологијата радикално ќе ја промени автомобилската индустрија – моторите со внатрешно согорување ќе бидат заменети со електрични возила, додека луѓето зад воланот би можеле да бидат заменети со компјутери. BMW наскоро на најголемиот саем за потрошувачка електроника во светот, CES, ќе го покаже својот визионерски пристап кон иднината на мобилноста, каде во прв план е пред сè луксузниот ентериер кој попрво би можеле да го замислиме во хотелските соби отколку во автомобилите.

Оваа хотелска соба на тркала се заснова на електричниот модел BMW i3, при што само предното седиште и контролната табла се позајмени од оригиналниот модел, додека остатокот од ентериерот е прилагодена за луксуз. Во задниот дел на i3 Urban Suite има простор за само едно лице кое може да ужива во специјално седиште налик на фотелја. До седиштето, а зад возачот, се наоѓа дрвена маса со ламба на која можат да се остават весници, книги, лаптоп…

Исто така, нема предно совозачко седиште, па има доволно простор за лицето во фотелјата да ги подигне нозете и да заспие како да е во кревет.

Во однос на изгледот, овој пакет не е премногу различен од класичниот i3, и го користи истиот електричен мотор од 170 КС со опсег од околу 240 километри, што не е премногу, но за градско возење треба да биде повеќе од доволно.

BMW i3 Urban Suite е концептно возило во кое ќе може да се возат посетителите на CES на почетокот од следната година, а ќе може да го повикаат со помош на специјална апликација направена токму за оваа пригода. Не е познато дали BMW ќе се одлучи за негово сериско производство, но доколку влезе во продажба, јасно е дека за него ќе треба да одвоите поголема сума на пари.

Извор: Додај Гас

 

 

Текстот Ова не е обично BMW, ова е хотелска соба на тркала е превземен од USB.mk.