Харфистката Весна Станоевска Микиќ, која публиката ја познава по улогата во филмот „Сенки“ на Милчо Манчевски, неодамна го промовираше видеото за песната Fire Dance од Дејвид Воткинс. Таа вели дека идејата за снимање спот дошла ненадејно, додека со сопруготот, актерот Александар Микиќ и нивните две деца биле на летување во Преспа.
„Како професионален музичар отсекогаш сум сакала да снимам некое музичко дело и да го имам за спомен. И кога најдов ноти на дело кое ми се допадна, Fire Dance од Дејвид Воткинс, го снимив во студио и имав аудио запис. Следно што требаше да направам е да го ставам на некои од социјалните мрежи за да го споделам со моите пријатели“, раскажа Весна за „Репортер“.
Видеото е снимено на изгрејсонце, а го режирал нејзиниот пријател, уметникот Андреј Маријановиќ.
„Летово бевме во Стење и за среќа и харфата беше со нас. Таму многу се дружиме со нашите пријатели и први соседи, Маријановиќи. Андреј Маријановиќ е ликовен уметник по професија, а се занимава и со видео. И така сосема спонтано дојдовме на идеја дека е подобро да се има спот отколку само аудио запис. Некако сите коцки се наместија – имавме харфа, езеро, композиција, видео опрема и решивме да снимаме. Решивме да снимаме на изгрејсонце. Александар стана рано во 4 сабајле ја однесе харфата на плажа и брзо се врати за да биде дома во случај Иво и Ена да се разбудат. За снимање имавме само 30 до 40 минути додека сонцето изгрева. Сè се случи многу брзо и спонтано, но од резултатот сум презадоволна“, рече Весна.
Текстот (Видео) На изгрејсонце го свирев Огнениот танц: Харфистката Весна Микиќ за првиот спот е превземен од Reporter.mk.