Шест необични планети што испаруваат се нова мета на научниците кои истражуваат потенцијални вонземни светови околу другите ѕвезди.
Новата метода на ловење планети вклучува барање ѕвезди опкружени со гасовити облаци. Таквите ѕвезди најверојатно имаат планети во својата орбита кои кружат преблиску и полека испаруваат поради жештината; станува збор за процес наречен аблација. Тим од астрономи од Отворениот универзитет во Англија одредил три такви ѕвезди опкружени со гасовити облаци и открил егзопланети. Резултатите беа објавени во списанието „Нејчр астрономи“.
– Досега ова е најуспешната метода за предвидување на присуството на планета – изјави Џеси Кристијансен, австралиска астрофизичарка која ги барала егзопланетите во рамките на проектот на НАСА. Облаците гас што ги оставаат зад себе на научниците им даваат увид во некои несекојдневни податоци за системот и структурата на планетите.
– Овие планети ни нудат квалитетни, подетални информации. Тие треба да ни дадат подобар увид во пошироката слика за тоа какви се всушност планетите во галаксијата – вели астрофизичарката Керол Хасвел.
Нептунска пустина
Сите шест егзопланети орбитираат околу ѕвездите поблиску отколку што Меркур се движи околу Сонцето. Научниците мислат дека најблискиот дел од овој регион е толку жежок, што ѝ е тешко на која било планета да ја задржи гасовитата атмосфера како Нептун.
– Еден начин на кој би можела да се создаде пустината е голема, навистина жешка планета да ги изгуби своите надворешни слоеви поради затоплувањето на атмосферата до точка на вриење – објаснува Хасвел.
Три суперземји и планета што не би требало да постои
Три од шест нови планети се карпести суперземји; поголеми се од Земјата, но не се доволно големи за да личат на Нептун. Може да станува збор за преостанатите јадра на некогаш големите планети што ја преминале Нептунската пустина.
Научниците откриле и планета со големина на Нептун која орбитира доволно далеку од ѕвездите за да испари, а пронајдена е и планета чија маса е половина од онаа на Јупитер. Кај други ѕвезди, пак, била забележана планета со маса 2,6 пати поголема од таа на Земјата.
– А потоа откривме дека околу неа всушност кружи ситна ѕвезда. Беше вистинско изненадување. Не очекувавме дека ќе пронајдеме бинарен систем на ѕвезди – вели Хасвел.
Станува збор за систем во кој две ѕвезди се поврзани со гравитација. Астрономите проценуваат дека 85 отсто од сите ѕвезди имаат барем уште една ѕвезда во својата орбита. Во конкретниот систем, помалата од двете ѕвезди е толку мала што едвај може да се смета за ѕвезда и има овална орбита што ја води во близина на големата ѕвезда. Толку ѝ се приближува што не останува доволно простор карпите и гасовите да се спојат во планетата меѓу нив. Сепак, суперземјата поминува помеѓу нив.
Потрага по аблација
Новиот метод на лов на планетите би можел да им помогне на астрономите што подобро да го искористат ограниченото време што телескопите го имаат на располагање. Потрагата по аблација може да им обезбеди да ги бараат вистинските планети околу вистинските ѕвезди. Освен тоа, анализирајќи како светлината поминува низ облаците од гас што ги оставаат зад себе, истражувачите можат да утврдат какви видови молекули се содржани во тој гас.
– Гледајќи низ тој гас, можеме да утврдиме какви хемикалии ги сочинуваат површинските слоеви на планетите што губат маса – вели Хасвел.
Со традиционални методи на анализа, тие исто така можат да ги пресметаат масата и големината на егзопланетите. А сето тоа може да им помогне на научниците да утврдат потемелна структура на планетите: дали има цврсто јадро опкружено со стопена течност и слоевити карпи како Земјата или километри дебел гас со течен водороден океан во близина на центарот, како Јупитер.
– Тоа ни овозможува подобро да сфатиме како се формираат и развиваат планетите, што пак ни овозможува подобро да го разбереме и нашиот Сончев Систем – заклучува Хасвел.
Извор: Tportal.hr
Текстот Астрономите пронајдоа шест необични нови планети. Меѓу нив се три гасовити суперземји е превземен од USB.mk.