Подновениот Биг Бен подготвен да ја означи Новата година

Камбаните на лондонскиот Биг Бен ќе зачукаат точно на полноќ на новогодишната ноќ, со што ќе се одбележи почетокот на една година.

Но, вечерва Биг Бен – една од главните знаменитости на Лондон и Велика Британија генерално –  ќе зачука со ново лице.

Новиот изглед, кој медиумите во Британија го нарекоа „фејслифт“, е првата фаза на сè уште недовршената реставрација на кулата,  парламентот и придружните објекти.

Кулата Елизабета висока 96 метри – еден од најфотографираните објекти во Велика Британија –  обвиена е во скелиња во последните две години, а во меѓувреме четирите часовници беа повторно застаклени, железната плоча претрпе преправки, а изрезбаните камења беа исчистени и исполирани.

Во март, дел од скелето беше отстрането, покажувајќи дека некогаш црните бројки и стрелки на часовникот сега се обоени во сино, што впрочем, како што тврдат научниците, е неговата оригинална боја.

Откако започнаа реставраторските работи во 2017 година, Биг Бен молчеше речиси цело време, освен за неколку важни настани.

Последен пат зачука на 11 ноември, на Денот на примирјето (кој се нарекува и Ден на сеќавање на припадниците на вооружените сили кои загинале на должност). Го означува крајот на Првата светска војна во 11 часот, на 11-ти ден од 11-ти месец.

Парламентот соопшти дека камбаната била тестирана неколку пати во пресрет на новогодишната ноќ.

Реставрацијата на целата кула Елизабета, која ќе чини 61 милион фунти (108 милиони американски долари), има за цел да ја санира, реконструира и да ѝ го врати оригиналниот дизајн.

Реконструкцијата на кулата треба да заврши во 2021 година, по што ќе следи реставрација на целата зграда на парламентот, а тоа ќе чини четири милијарди фунти.

Текстот Подновениот Биг Бен подготвен да ја означи Новата година е превземен од Reporter.mk.