Илина Арсова ги искачи седумте највисоки врвови во светот

Македонската алпинистка Илина Арсова го освои врвот Винсон (4.892 метра) на Антарктикот, последниот од седумте највисоки врвови на седумте континенти. Таа објави слика на социјалните мрежи и се пофали дека станала една од 60-те жени што ги искачила сите највисоки врвови на сите седум континенти.

„Мисијата седум врвови е завршена! Македонското знаме на врвот Винсон – 4892 м на Антарктикот со ладни раце, но топло срце. Со ова искачување станав прва жена од нашата земја и една од 60-те во светот што ги искачиле највисоките врвови на сите континенти (по Меснеровата листа) како врвен успех во планинарските спортови. Незаборавно искуство и прекрасно чувство! Огромна благодарност до Агенцијата за млади и спорт и Федерацијата на планинарските спортови, како и сите други поддржувачи, спонзори и пријатели кои веруваа и беа со мене. Нека ова биде поттик за сите вас да верувате во невозможното и да сонувате бидејќи со многу волја, упорност и труд, порано или подоцна соништата се остваруваат“, напиша Арсова.

Таа го привлече вниманието на јавноста во мај 2013 година кога го освои Монт Еверест (8.848 м), а потоа ја најави мисијата „Седум врвови на седум континенти“, која успешно ја заврши.

 

Текстот Илина Арсова ги искачи седумте највисоки врвови во светот е превземен од Reporter.mk.