Минатата година учеството на овие автомобили во вкупната продажба на нови возила било на ниво од 42%
Продажбата на нови електрични автомобили во Норвешка во 2019 година се зголемила за 31 процент споредбено со 2018 година, и наскоро, според аналитичарите, оваа нордиска земја се очекува целосно да ја електрифицира својата флота
Целосно електричните возила минатата година учествувале со 42,4% во продажбата на нови автомобили во Норвешка, што претставува глобален рекорд и раст од 31,2% споредбено со 2018 година (или, на пример, само 5,5% во 2013 година), велат од Норвешката автомобилска асоцијација.
Во желбата да стане првата земја која ќе ја прекине продажбата на автомобили со погон на фосилни горива до 2025 година, Норвешка ги ослободува сопствениците на електрични возила од даноци кои обратно се наметнуваат за сопствениците на бензинци и дизели.
Оваа година, дури 60% од продажбата на нови автомобили во земјата би можела да се однесува на целосно електрични автомобили, вели Харалд А. Мулер од Volkswagen, кој се подготвува да лансира неколку електрични модели во текот на 2020 година.
„Електрификацијата на пазарот на автомобили се забрзува. Предвидуваме дека електричните возила ќе имаат 100% удел на пазарот во Норвешка во 2025 година“, вели Мулер.
Текстот Норвешка со забрзано темпо кон целосна електрификација на возниот парк е превземен од USB.mk.