Јапонски научници тестираат мини-лифт за транспорт во вселената

Група јапонски научници кои работат на конструкција на вселенски лифт наскоро ќе го направат првиот тест во вселената со минијатурна верзија, објави Универзитетот во Шизоука.

Научниците се надеваат дека со помош на десет метри долг кабел, поставен меѓу два помали сателита, успешно ќе придвижат минијатурен лифт со димензии 6 х 3 х 3 сантиметри.

Ракетата Х-2Б треба во вселената да го пренесе потребниот материјал за овој тест. Нејзиното лансирање е закажано за 11 месецов од базата Танегашима на југот од архипелагот.

„Станува збор за прв ваков обид во светски рамки при што ќе се обидеме да тестираме движење на лифт во вселената“, рече портпаролот на Универзитетот за агенцијата АФП, додавајќи дека сето тоа ќе се одвива под надзор на камери поставени во сателитите.

Концептот за вселенски лифт кој со помош на цврсти кабли би се искачувал неколку илјади километри до вселенска станица сместена во геостационарната орбита датира уште од 19 век. Идејата ја замислил советскиот космонаут Константин Цјолковски во 1895 кога ја видел Ајфеловата кула во Париз.

Речиси сто години подоцна, Артур Кларк, британски автор и пронаоѓач, еден од најпознатите писатели на научна фантастика, кој сепак цврсто се држел до науката и нејзините реални достигнувања и хипотези, ја обнови идејата во книгата „Фонтаните на рајот“, објавена во 1978 година.

Но, овој сон сè уште е теорија поради технолошките бариери.

Сепак, јапонска компанија гледа многу пооптимистички на целата приказна. Станува збор за „Обајаши“, која соработува со тим на научници од Шизуока. Нејзините работници работат на конструкција на свој лифт кој е замислено да транспортира туристи во вселената до 2050 година.

Текстот Јапонски научници тестираат мини-лифт за транспорт во вселената е превземен од USB.mk.