Руските конструктори му ги претставија на претседателот Владимир Путин своите планови во врска со развојот на ултрабрзите транспортни капацитети со голем долет на ВМФ, претставени преку перспективниот екраноплан „Чајка-2“.
Покрај тоа, големо внимание кај првиот човек на руската држава привлече и подводниот робот „ИСПУМ-Александрит“, кој е наменет за пребарување на морското дно и уништување на мини.
За време на неговата посета на Севастопол, во чест на рускиот претседател беше организиран и приказ на перспективна поморска борбена техника. Презентирани беа макети дизајнирани од конструкторите на бродоградежните компании во рамките на ОАК.
Што се однесува до роботизираната борбена техника, руските инженери му ги покажаа на Владимир Путин роботизираниот подводен апарат „ИСПУМ-Александрит“, наменет за пребарување на морското дно и уништување на мини. Тој има можност автономно да работи на длабочини и до 300 метри. „ИСПУМ-Александрит“ ќе се базира на новите бродови од класата 12700 кои ќе бидат специјализирани за борба против подводни мини.
Како што пренесува веб-порталот РИА „Новости“, со роботот се управува далечински на растојание од 500 метри. Неговата високософистицирана опрема за пребарување на морето може да ги открие практично сите видови мини. Во текот на својата активност „ИСПУМ-Александрит“ може да се движи со брзина од 3-6 м/сек. во зависност од режимот на работа. Покрај тоа, овој робот може да се користи и во услови на многу немирно море.
Вниманието на рускиот претседател го привлече уште еден проект кој има големи шанси да стане составен дел на руската воена морнарица. Станува збор за поморскиот повеќенаменски екраноплан „Чајка-2“.
За повторното заживување на производството на овие екстремно брзи борбени средства почна да се зборува пред неколку години. Уште во советско време се правеа експерименти со екраноплани кои имаа транспортна и ударна улога. Конкретно, прашање беа два проекти за борбено-транспортни екраноплани под називите „Луна“ и „Орленок“. Така, на пр. експерименталниот екраноплан „Луна“ можеше на површината на водата да достигне брзина од 500 км/час. Овој објект беше вооружен со противбродски ракети, а поради својата ултра ниска траекторија, беше практично невидлив за радарите. Од друга страна, „Орленок“ според своите габарити беше малку помал, а неговата функција главно беше транспортна. Во него можеа да се сместат до 150 војници на морнаричката пешадија и неколку борбени возила на пешадијата (БМП).
Во овој момент руските конструктори му предложија на Министерството за одбрана на РФ проект за развој на нова генерација екраноплани. Екранопланот од следната генерација „Чајка-2“ ќе биде изработен од современи материјали. Максималната тежина нема да надминува 50 тони. Неговиот транспортен отсек ќе биде доволен да прими 90-100 војници на морнаричката пешадија или 9 тони товар. Со помош на авионскиот мотор што ќе го движи, перспективниот екраноплан „Чајка-2“ ќе може да постигне брзина од околу 450 км/час. Притоа неговата траекторија нема да биде ограничена само на водената површина. Тој ќе може да лебди и над ледена површина или рамна степа. На тој начин ќе може да се надмине растојание од 5 илјади километри. Очигледно е дека перспективната руска воена техника се прилагодува на климатските услови што преовладуваат на Арктикот, но и на неговата географија која се карактеризира со огромно пространство кое е практично ненаселено.
Извор: Russia Beyond
Текстот Претставени проектот за футуристичкиот екраноплан „Чајка-2“ и роботот „Александрит“ е превземен од USB.mk.