Светот оваа пролет ќе биде сведок на најбрзиот лет на еден авион со електричен погон. Така барем се надеваат во Rolls-Royce, кој во декември минатата година го претстави ACCEL, револуционерен целосно електричен авион.
Британскиот Rolls-Royce е на чекор до реализација на амбициозниот план за изградба на најбрзиот авион во светот со електричен погон. Нивниот револуционерен целосно електричен авион оваа пролет би требало да полета од аеродромот во Глочестершир оваа пролет и да достигне брзина од околу 500 километри на час.
Во проектот се вклучени и голем број партнери, вклучително и производителот на електрични мотори и контролери YASA како и стартап компанијата Electroflight. Половина од проектот е финансиран од британската влада.
„Изградбата на најбрзиот електричен авион во светот не е ништо помалку од револуционерен чекор во авијацијата и ние сме пресреќни што можеме да го претставиме авионскиот проект ACCEL“, вели Роб Вотсон, директор на Rolls-Royce Electrical, додавајќи дека тоа ќе и помогне на неговата компанија да биде предводник на патот кон развој на технологија што ќе игра клучна улога во транзицијата кон ниска емисија на јаглерод.
ACCEL ќе поседува најгуст батериски пакет некогаш направен за авион, а тој во себе ќе има доволно електрична енергија со едно полнење за да снабдат дури 250 домаќинства, или доволно енергија за да се лета од Лондон до Париз.
Во батерискиот пакет ќе има 6.000 помали батерии така спакувани за да се минимизира тежината, а во исто време да се зголеми термичката заштита. Батеријата исто така ќе има и напреден систем за ладење, кој ќе обезбеди оптимални перформанси со директно ладење на самите батерии.
Пропелерот на леталото ќе се напојува од три електрични мотори, а во споредба со конвенционалниот авион управуван со пропелерски погон, пропелерот на ACCEL ќе работи со многу помалку вртежи во минута, овозможувајќи постабилен и потивок лет. Комбинација на електрични мотори ќе произведува вкупно 500 коњски сили.
Авионот ќе работи со 90 проценти енергетска ефикасност, уверуваат од Rolls-Royce. За споредба, супербрзите болиди во Formula 1 работат со максимум 50 проценти енергетска ефикасност.
Текстот Rolls-Royce планира да постави светски рекорд во брзина на летање со авион со електричен погон е превземен од USB.mk.