Кинески и американски научници работат на развој на вакцина против коронавирус. Ако сè оди според планот, ќе може да се тестира на луѓе за три месеци. Но, дали е можно епидемијата да помине дотогаш?
Преземен е првиот клучен чекор кон ефикасна нова вакцина против коронавирус (nCoV). Кинеските лекари во Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) успеаја да го изолираат новиот вирус и да го анализираат неговиот генетски код. Ова го потврди Су Венбо, раководител на Институтот за вирусни заболувања.
Се уште никогаш во историјата на човештвото толку брзо не се открил премин на нов патоген од едно досега неидентификувано животно на човекот. Вирусот е целосно декодиран, размножен во клеточна култура, а овие откритија се претставени на светот во форма на научна публикација.
Во тек е развој на вакцина
Кинески научници веќе работат на развивање на вакцината. Ова се прави и во САД, Австралија и во други земји. Во САД, на ова работи нов тим за истражување на вакцини при Националниот институт за здравство (НИХ), предводен од Ентони С. Фаучи, директор на Институтот за алергиски и заразни болести (НИАД).
Фаучи во едно стручно списание напиша дека вакцините, веќе развиени против вирусите САРС и МЕРС, веројатно може да бидат добра основа за развој на вакцината против вирусот nCoV.
Непознати ризици
Сепак, една работа го отежнува развивањето на вакцина против коронавирус – тоа е многу променливата структура. Исто беше и со САРС. Лекарите стравуваа дека вакцината со активни супстанции на спајк-протеин С1 дури може да го забрза навлегувањето на одредени варијанти на вирусот.
Како и да е, Фаучи смета дека спајк вакцината, исто како и нуклеокапсид-протеинската вакцина би можело да биде основа за понатамошно истражување на вакцините против nCoV. И производителите на вакцини, како што се Новавакс од Мериленд – која веќе ја разви вакцината против вирусот МЕРС – веќе се на почетните позиции.
Австралиски научници, предводени од Кит Чапел од Универзитетот во Квинсленд, исто така работат на развој на вакцината. Тие користат т.н. молекуларна клешта. Идејата е да се согледа вирусот уште во неговата прелиминарна фаза. Така, имунитетот може да го нападне пред да се спои со клетките. Навистина, овој метод покажа дејство против други опасни вируси како што се ебола, САРС и МЕРС, но само во лабораториски услови.
Најголем предизвик, како и со САРС, е брзината на развој на вакцини. Научниците собрани околу Фаучи се надеваат дека ќе можат да ја тестираат вакцината кај луѓето во рок од три месеци.
Ако сè оди според планот, воведувањето на вакцината најрано може да почне на лето 2020 година. Секако дека тоа би било рекорд во развојот на вакцина – со САРС траеше околу 20 месеци, а вакцината беше развиена дури откога епидемијата веќе беше близу крајот.
Лекови против вирус
Но, дали епидемијата ќе се рашири ќе зависи од тоа колку успех ќе има еден сосема поинаков пристап: терапија со невирусни лекови.
Фаучи напиша дека може да се земат предвид разни антивирусни лекови со широк спектар, како оние против ебола и ХИВ. Здравствените служби во Кина, за секој случај, веќе нарачале големи количини на лекови против ХИВ, според портпаролката на американската компанија АбббВие (AbbbVie).
Постои уште еден, сосема поинаков пристап во борбата против вирусот: т.н. моноклонални антитела – имунолошки активни протеини кои, всушност, го повикуваат организмот на целосно специфичен имунолошки одговор.
Херберт Вирџин од американска компанија Вир – Биотехнолоџис, со седиште во САД, рече дека неговата фирма веќе развила антитела кои, во лабораториски услови, се покажале ефикасни против САРС и МАРС. Тој верува дека некои од нив би можеле да го неутрализираат коронавирусот. – Можеби имаат потенцијал во третманот на вирусот од Вухан, рече Вирџин.
Карантин – и натаму најефекасна мерка
Дали на пазарот ќе се појави вакцината ќе зависи од понатамошното ширење на епидемијата. Засега Кинезите го користат најефикасното средство за борба против болеста: изолација на заболените и карантин за цели градови. Со овие мерки досега се опфатени 43 милиони луѓе.
Притоа се чини дека кај nCoV инфекцијата има помалку смртни случаи отколку што беше случајот со САРС. Во тоа време, 8000 заразени пациенти починаа, а во оваа епидемија стапката на смртност е многу помала.
Навистина, бројот на заразени лица рапидно се зголемува, но релативно мал број на пациенти умираат од последиците на инфекцијата – претежно постари луѓе кои веќе биле болни.
Професорот Марк Харис од Школата за молекуларна и клеточна биологија на универзитетот Лидс проценува дека стапката на смртност е само околу 0,1 проценти. Во своите проценки, тој зема предвид и веројатно голем бројка на непријавени пациенти со благи симптоми кои дури и не се пријавиле на клиниките и затоа не влегуваат во официјалната статистика.
Ако неговите претпоставки се точни, тогаш овој вирус не е поопасен од сезонскиот грип.
Текстот Коронавирус: Кога ќе биде готова вакцината? е превземен од USB.mk.