Докторите во Велика Британија развија апликација која може да биде евтина метода во тестирање на очите на новороденчињата за жолтица. Научниците истакнаа дека со овој начин можат да се спасат илјадници животи.
Како што пишува The Independent, жолтицата е проблем на црниот дроб кој предизвикува жолтило на кожата и очите и е причина за смрт на 114.000 новороденчиња ширум светот.
Три четвртини од случаите на жолтица се појавуваат во јужна Азија и Африка што значи дека оваа апликација може да им помогне на лекарите во сиромашните држави во светот.
„Во многу делови од светот, бабиците и медицинските сестри се потпираат на својот вид за да видат дали новороденчето има жолтица, но тоа не е доволно. Нашата метода е 100% точна и гарантира дека сериозните случаи нема да поминат незабележано“, вели главниот автор на студијата Теренс Ланг.
Жолтицата се јавува како последица на зголемено ниво на билирубинот во крвта, кое се манифестира со пожолтување на склерите, кожата и слузокожата.
Во повеќето случаи жолтицата е безопасна, но во некои случаи може да биде причина за смрт или церебрална парализа, како и оштетен слух и вид.
Кај новороденчињата кај кои лекарите се сомневаат дека имаат жолтица, им прават анализи на крвта, но проблемот е во тоа што во многу случаи жолтицата се појавува откако бебето ќе пристигне дома.
Во оваа студија научниците фотографирале 37 новороденчиња за кои се сомневало дека имаат жолтица. Фотографиите се обработени за да се отстранат дисторзиите поради светлото во позадината и по жолтилото во очите го предвидуваат нивото на билирубин.
Резултатите ги споредиле со анализите од испитување на крвта. Алгоритмот точно ги идентифицирал сите случаи кои требало да се лечат од жолтица.
Апликацијата сè уште се развива и ќе продолжи со тестирање пред да биде пуштена во употреба.
Извор: Klix.ba
Текстот Британските доктори развиле апликација за откривање на жолтица кај новороденчиња е превземен од USB.mk.