(Видео) Руските „пранкери“ двапати го измамија принцот Хари

Руските пранкери Владимир Кузњецов и Алексеј Столиаров, познати како Вован и Лексус, тврдат дека двапати успеале да го измамат принцот Хари и да разговараат преку фиксна линија со него во неговиот дом на островот Ванкувер, во Канада.

Принцот Хари мислел дека разговара со Грета Тунберг, па почнал отворено да им зборува за бракот со Меган, за нивната одлука да си заминат од кралското семејство и да се преселат во Канада. Им кажал што мисли за „Мегзит“, за Доналд Трамп и за други светските лидери и глобални прашања.

„Ве уверувам дека бракот со принц или принцеза не е воопшто онаков каква што изгледа. Понекогаш не е лесно да се донесе вистинската одлука. За мене не беше лесно да се откажам од кралското семејство, но мислам дека ја направив вистинската за моето семејство. Мислам дека на тој начин го заштитив мојот син Арчи. Мислам дека има многу луѓе во светот кои можат да се идентификуваат со мене и ме почитуваат затоа што семејството секогаш ми е на прво место“, објаснил Хари за одлуката да ја напушти Британија.

Во разговорот Хари ги осудил политиките и ставови на Доналд Трамп за климатските промени, а британскиот политички систем го нарекол кршлив и признал дека е одвоен од кралското семејство.

Портпаролот на Хари одби да го коментира овој разговор. Извори блиски до принцот велат дека е сосема логично што тој сакал да разговара со Грета за климатските промени.

Руските комичари Владимир Кузнецов – Вован и Алексеј Столјаров – Лексус станаа познати преку аудио снимките од телефонски разговори со познати личности, пред се политичари, на кои им се јавувале претставувајќи се како шефови на држави или влади и први луѓе на меѓународни организации.

На нивната измама падна и македонскиот поранешен премиер Зоран Заев, на кого му се претставија како поранешниот украински претседател Петро Порошенко и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Текстот (Видео) Руските „пранкери“ двапати го измамија принцот Хари е превземен од Reporter.mk.