Поранешниот холивудски продуцент Харви Вајнштајн се соочи со уште едно трето обвинување за сексуално злоставување. Тој во петокот беше обвинет во Лос Анџелес за сексуален напад, а тамошните обвинители изјавиле дека веќе започнале постапка за негово испорачување од Њујорк, каде во моментов отслужува затворска казна за силување.
Некогашниот холивудски моќник, беше позитивно тестиран на коронавирус, кратко време откако беше сместен во затворот во Њујорк. Тој сега се оправува, а неговиот лекарски тим вели дека се чувствува дбро.
Вајнштајн веќе беше обвинет во Лос Анџелес за силување, присилен сексуален однос и присилен орален однос. Двете жени го обвинија дека Вајнштајн ги злоставувал во 2013 година. Најновиот случај се однесува за инцидент кој се случил во 2010 година во хотел во Беверли Хилс.
Портпаролот на Вајнштајн Јуда Енгелмајер, одбил да го коментира случајот, се додека не контактира со неговите адвокати. Досега повеќе од 100 жени го обвинија Вајнштајн за сексуално непримерно однесување. Сите обвинувања Вајнштајн ги негирал и се бранел дека сексуалните односи се случиле со согласност на жените.
Ниту една од трите жени кои досега го обвиниле Вајнштајн во Лос Анџелес, не е идентификувана во судските документи. Ако биде осуден по изменетото обвинение, Вајнштајн го чека затворска казна од 29 години.
Тој беше осуден на 11 март од страна на казнениот суд во Менхетен на 23 години затвор, поради сексуален напад на поранешната асистентка Мими Хали и поради силување на поранешната глумица Џесика Ман.
Текстот Уште една жена го обвини Харви Вајнштајн за силување е превземен од Reporter.mk.