Ѕвездата на „Каса де папел“, Дарко Периќ: Секогаш ќе бидам Југословен

Дарко Периќ, кој го глуми ликот на Хелсинки во хит-серијата La Casa De Papel, е роден во Србија. 43-годишниот глумец, кој стекна светска слава со улогата во една од најгледаните серии на „Нетфликс“, за себе вели дека не е Србин, туку Југословен.

„Роден сум во Југославија. За себе секогаш ќе велам дека сум Југословен. Имам многу пријатели Хрвати, Словенци, Македонци… Татко ми потекнува од Косово, а до неодамна таму живееја баба ми и дедо ми. Сега татко ми живее во Црна Гора и тоа не е истата земја. Сестра ми и мајка ми живеат во Нови Сад. Жена ми е Романка, а син ми е полусрбин. Затоа себеси се сметам за граѓанин на светот. Повеќе сакам да кажам дека сум глумец од Блаканот, отколку од Србија или Шпанија“, рекол неодамна Дарко во едно интервју.

Роден е на 25 март 1977 година во Кладово. Во 1995 година заминал од родниот град и почнал да живее во Романија каде што студирал ветерина. Таму ја запознал и сопругата. Од Романија заедно се преселиле во Берлин, а потоа во Барселона. Градот им се допаднал толку многу, што решиле да останат да живеат таму.

Првата улога ја добил пред десетина години, во серија што се снимала во Барселона. Агентката што го ангажирала, го забележала на улица. Ѝ се видел како интересен лик заради големата брада, но и тетоважата на мечка што ја има на стомакот. По првата, следела улога во една од најгледаните шпански серии Mar de Plastico. По ова почнал да глуми во филмови покрај големи шпански и светски ѕвезди. Но, La Casa de Papеl му донесе популарност во целиот свет.

„Снимав многу, буквално сè што ќе ми се понудеше. Но, морав да се смирам откако станав татко и затоа ја прифатив улогата во серијата. Сакав да имам постабилна работа, да си доаѓам дома, да го гледам синот. Со серијата сум врзан цела година, па сега морам да одбијам некои проекти што можеби би ги прифатил да немав договор со продукцијата“, вели Дарко.

Во хит-серијата тој го глуми Хелсинки, силен, духовит, но и нежен лик, кој е меѓу омилените на публиката. Хелсинки не зборува многу, а и кога зборува, тој повеќе пцуе на српски, отколку што зборува на шпански.

Дарко вели дека кога ќе заврши снимањето на серијата сака да се пресели во Америка и да проба да се пробие во Холивуд.

 

 

 

 

 

 

 

Текстот Ѕвездата на „Каса де папел“, Дарко Периќ: Секогаш ќе бидам Југословен е превземен од Reporter.mk.