Капитенот на фудбалската репрезентација, Горан Пандев, откри дека ќе се пензионира догодина, по ЕУРО 2021. Тој ова го изјави во интервју за „Скај Спортс Италија“. Пандев, со ова ја пролонгира одлуката да стави крај на кариерата, оти желба му е да игра со Македонија на Европското првенство.
Поради пандемијата УЕФА го одложи ЕП за наредната година, а баражите преку кои Македонија ќе се обиде да избори пласман на шампионатот ќе се играат во септември.
„Мојот сон е да ја завршам кариерата со настап на ЕП, поради тоа би сакал да продолжам да играм уште една година“, изјавил Пандев во интервјуто.
37-годишниот играч на Џенова открил и дека во јануарскиот преоден рок имал понуда да се врати во Интер, клубот во кој ја почна кариерата во Италија. Оттаму му понудиле шест месеци да биде играч, а потоа да биде директор на клубот.
„Пјеро Аусилио ми се јави, помислив дека се шегува со мене. Му реков да бараат некој помлад. Јас решив да останам во Џенова. И покрај сѐ ќе му бидам благодарен на Интер. Тој клуб ме донесе во Италија, ми го промени животот“, рекол Пандев.
Текстот Пандев ќе се пензионира догодина, сака да игра на ЕУРО 2021 е превземен од Reporter.mk.