Тејлор Свифт го откажа концертот со кој официјално требаше да се отвори стадионот „Софи“ во Инглвуд, Калифорнија, но и сите концерти што беа закажани за 2020 година.
Пејачката требаше да го отвори стадионот во близина на Лос Анџелес со два концерта, на 25 и 26 јули, но објави дека поради пандемијата од коронавирусот решила да откаже сè до крајот на годината.
„Борбата против КОВИД-19 е невиден предизвик за глобалната заедница и безбедноста и благосостојбата на фановите секогаш мора да бидат приоритет“, се вели во соопштението на популарната пејачка. Одложените концерти ќе бидат презакажани за 2021 година.
Тејлор Свифт требаше да биде првата жена која со концерт отвора стадион на Американската фудбалска лига (НФЛ). Изградбата и опремувањето на стадионот чинеле пет милијарди долари. Изградбата на стадионот на кој ќе играат Л.А. Рамс и Л.А. Чарџерс продолжи и покрај пандемијата. Кога минатиот месец се издаде наредба сите граѓани на Калифорнија да останат во своите домови поради коронавирусот, гувернерот на таа држава Гавин Њусом ја категоризираше изградбата како критична инфраструктура.
Следниот настан на распоредот на стадионот „Софи“ е концертот на Кени Чесни на 1 август.
Текстот Тејлор Свифт ги откажа сите концерти до крајот на 2020 година е превземен од Reporter.mk.