Лино Червар поминува тешки денови, неговата сопруга има рак

Лино Червар (68), познатиот хрватски тренер, деновиве поминува низ семејна драма, неговата сопруга Клаудија (67) е болна од рак. Тренерот вели дека водат битка со тешка болест и не се знае каков ќе биде резултатот.

„Сопругата има тумор и, да бидем искрен, деновиве ја водиме најтешката животна битка. Не е лесно кога е болен некој кој толку многу ти значи. Морам да бидам покрај неа во овие тешки моменти бидејќи таа секогаш беше тука за мене. Тоа е жена која е заслужна за сите мои успеси. За сè што постигнав во животот, нејзе треба да ѝ заблагодарам. Се надевам и верувам дека на крајот со помош на Бог ќе ја добиеме оваа битка“, вели Червар за хрватскиот 24sata.hr.

 

Сега веќе целата јавност знае за маката на ракометниот тренер, иако на почетокот не кажувал што му се случува во семејството. И од клубот имале разбирање за неговата состојба.

„Кажав дека ќе пропуштам некои од гостувањата. Ќе бидам покрај играчите на сите гостувања на Лига на шампиони, но ќе пропуштам некои во СЕХА лигата. Сепак, моите играчи веднаш застанаа зад мене и имаат разбирање за мојата сејмена ситуација“, рекол тренерот.

Лино и Клаудија се заедно 40 години, а се запознале на танц.

„Пријателите ми рекоа дека Клаудија ме гледа, а потоа кога поминуваше покрај мене ме повика на танц. Замисли, девојка да те повика на танц. Тоа не ми се допадна баш, дури и се распрашував подоцна која е таа девојка толку слободна да ме повика на танц.  Кога дознав која е за малку ќе си го прегризев јазикот, прерано ја дијагностицирав. Многу брзо сфатив дека Клаудија е вистинската личност за мене. Во животот имам две важни работи – семејството и ракометот. Работев 23 години во странство и сè што заработив е за моите две ќерки и пет внучиња“, изјавил тренерот за хрватскиот медиум.

Текстот Лино Червар поминува тешки денови, неговата сопруга има рак е превземен од Reporter.mk.