Принцот Чарлс ги учел своите синови да собираат отпад во текот во училишните одмори во Норфолк, откри неговиот постар син Вилијам, во еден разговор воден по повод 70. роденден на принцот.
„Одевме таму со стапови и собиравме ѓубре во пластични кеси”, објасни Вилијам. „И двајцата си помисливме: Па, ова е сосема нормално, тоа сигурно сите го прават”, изјави тој за Би-би-си, раскажувајќи анегдота од детството во специјална 60-минутна програма по повод 70. роденден на принцот Чарлс.
Би-би-си има ексклузивен пристап до принцот Чарлс во последните 12 месеци поради снимање на филмот „Принцот, синот и наследникот: Чарлс во 70-тата”.
Во документарецот Вилијам, заедно со неговиот помлад брат Хари, го коментира говорот на принцот од 1970 година во кој тој предупредува за опасностите од пластичниот отпад и објаснува дека неговиот татко ја поттикнал нивната еколошка свест.
„Понекогаш ќе застанев по училиште да собирам ѓубре”, вели Хари додавајќи дека не барал ѓубре, туку ако за време на прошетка видел фрлени парчиња, едноставно би ги кренал.
„Го правев тоа затоа што бев програмиран да го правам тоа, бидејќи тоа го прави и татко ми, всушност треба сите да го правиме тоа”, вели тој.
Вилијам, пак, додава дека нивниот татко „навистина живее на начинот за кој се залага”, додавајќи дека тој верува оти неговиот татко „ги земал при срце критиките” што ги добивал за неговите идеи кога бил помлад.
Филмот „Принц, син и наследник: Чарлс во 70-тата” ќе биде прикажан в четврток, на 8 ноември, на телевизискиот канал Би-би-си 1.
Текстот „Собиравме ѓубре во училиште“, кажаа принцовите Хари и Вилијам е превземен од Reporter.mk.