Премиерот Зоран Заев и бугарскиот премиер Бојко Борисов ќе бидат гости на еден од концертите од турнејата „Една љубов“ во организација на Сања и Слаткар. Друштво ќе им прави и министерка за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева. Ова го откри Сања Николиќ од „Иноватива груп“ на прес конференцијата што се одржа вчера во Софија, Бугарија. Таа и бугарските организатори на музичкиот фестивал „Една љубов“ најавија дека турнејата ќе се одржи во осум града во Македонија и Бугарија и ќе го спои најкарактеристичното од културата, уметноста, музиката и кулинарските традиции меѓу двете земји. Сите концерти од турнејата „Една љубов“ ќе бидат бесплатни.
Сања на прес-конференцијата рече дека турнејата е поддржана од Министерството за култура на Република Македонија и од бугарската влада.
„Поддршката не е само во пари, туку на помош ни дојдоа и општините во кои ќе се организираат концертите кај нас. Нивната логистика, отстапениот простор и помошта од луѓето што работат во нив ни се од огромно значење. ‘Иноватива груп’ конкурираше на меѓународен конкурс на Министерството за култура и оттаму добивме финансиска поддршка“, рече Сања.
Новинарите од Македонија и Бугарија коментираа дека тоа што го направи лани фестивалот за да ги спои двете земји на музички план, оваа година продолжи и во политиката.
Првиот од осумте концерт е закажан за 16 јуни во Градскиот парк во Скопје. Музичкиот хепенинг ќе почне во 10 часот наутро со настап на хорот „Златно Славејче“, а потоа ќе пеат „Некст Тајм“, „Љубојна“, па „Фолтин“, Деси Добрева, Графа, Апсурд, Ансабл Булгаре и за крај Слаткаристика. На концертот стенд-ап сет ќе има актерот Сашко Коцев. Турнејата на македонските и бугарските музичари по Скопје ќе продолжи во Софија, па во Банско, во Варна, во Струмица на 11 август, Кавадарци на 7 септември, во Русе, а ќе заврши во Стара Загора на 5 октомври. Според ко-организаторите на фестивалот од Македонија „Иноватива груп“, планиран е и концерт во Охрид, а датумот ќе биде објавен дополнително.
„Освен овие музичари, на еден од концертите ќе настапи и Влатко Стефановски. Ќе има и музички ѕвезди од Бугарија кои ќе настапат на еден до два концерта“, рече на прес конференцијата Сања Николиќ од „Иноватива груп“.
На прес конференцијата имаше бугарски музичари, а присуствуваа „Некст тајм“ и Слаткар кои ќе настапат на сите осум концерти од турнејата.
„Освен настапите со ‘Една љубов’, ќе одржам и самостоен концерт во Бугарија, ама повеќе детали ќе ви откријам наскоро“, рече Марко Слаткаристика за „Репортер“. Тој, претходно на пресот најави дека е среќен што фестивалот станува традиција.