Вештачката интелигенција го олеснува животот, но какво е најлошото сценарио?

Технологијата и “дигиталниот живот” го променија светот, а веќе не може да си го замислиме секојдневието без компјутер, паметен телефон или интернет. А во тој наш “дигитален живот” полека влегува и вештачката интелигенција.

Таа речиси незабележително ги менува нашите секојдневни навики и го унапредува нашиот живот. Но, како нашиот живот ќе изгледа во иднина? Токму на тоа прашање пробале да одговорат иноватори, истражувачи, активисти, но и деловни луѓе и политичари во анкетата на истражувачкиот центар Пју (Pew Research Center) во Вашингтон.

Речиси 1000 луѓе го дадоа своето мислење за иднината поврзана со вештачката интелигенција. Експертите предвидуваат дека таа ќе се поврзе во мрежата која ќе ја подобри ефикасноста на луѓето, но и ќе претставува потенцијална закана за човековата автономија и способност.

Компјутерите многу брзо ќе станат еднакви, па дури и поинтелигентни од луѓето. Нивната способност ќе се користи за донесување на комплексни одлуки, учење, софистицирана аналитика и препознавање на гласови и јазици, сметаат испитаниците.

Тие додаваат и дека “паметните системи” ќе придонесат за заштеда на времето и парите, бидејќи на луѓето ќе им пружат можност помалку да работат, а повеќе да уживаат во животот. Главната предност е имплементирање на вештачката интелигенција во медицината која ќе овозможи дијагностицирање и лекување на разни болести, што ќе овозможи подолг и поквалитетен живот.

Постои и црно сценарио (до кое не мора да дојде)

Сепак, поголемиот дел од експертите се’ уште не се сигурни како вештачката интелигенција ќе влијае на луѓето и нивниот живот. Пред се’, тие сметаат дека вештачката интелигенција толку ќе ги преземе нашите животи што луѓето ќе ја жртвуваат својата независност, приватност и можност за избор бидејќи се’ ќе стане автоматизирано.

Стравот е поврзан и со големите количини на податоци кои ѝ се потребни на вештачката интелигенција за да се развива. Јасно е дека нејзиниот развој ќе влијае и на загубата на работни места, што би можело да доведе до протести и општествени нереди, наспроти развојот на нови работни места поврзани токму со вештачката интелигенција.

Поради преголемото ослонување на вештачката интелигенција, луѓето би можеле да изгубат или заборават некои клучни вештини како што е возење на автомобил или готвење. Според најлошите сценарија кои потсетуваат на оние од холивудските филмови, вештачката интелигенција би го презела оружјето, би била употребувана за сајбер криминал и би се користела за ширење на лажни информации.

Сепак, не мора да дојде до тие најцрни сценарија.

Сите се согласуваат дека, пред вештачката интелигенција премногу да се развие, потребно е да се востановат цврсти правила според кои луѓето секогаш ќе бидат над роботите и машините. За тоа да биде постигнато, потребно е да се подобри соработката на светско ниво и да се развие децентрализиран систем на интелигентни мрежи кои ќе ги следат етичките начела.

Извор: B92.net

Текстот Вештачката интелигенција го олеснува животот, но какво е најлошото сценарио? е превземен од USB.mk.