Со многу емоции, како секој збор да го погодува во срце, хрватскиот музичар Златан Стипишиќ – Џибони ги испеа песните „Чиним праву ствар“ и „Среќа“ и го почна концертот во Скопје. Песните му ги посвети на својот голем пријател, легендарниот Оливер Драгојевиќ со кого пеел во Скопје пред две години. Со растреперен глас тој раскажа за неговиот последен концерт тука. Заедно со починатиот пејач ги пееле овие песни за душа, ама и за македонската публика. Присутните го пречека Џибони еуфорично, со гласен аплауз и силни овации, а тој им се заблагодари за љубовта што му ја даваат низ годините.
„Овие песни ме потсетуваат на Оливер, заедно ги пеевме во Скопје пред две години. А и Скопје ме потсетува на него. Среќен сум што последниот концерт во годината го одржувам тука, во земјата во која има добри луѓе, добра храна и добро вино“, рече Џибони на почетокот.
Концертот го продолжи со „Миракул“, „Темпера“, „Либар“, а потоа ја испеа и песната „Људи, звири и бештимје“. Рече, оваа песна скоро никогаш не ја пее на концерти, но секогаш ја пее во Скопје.
„Вечерва тука има посебна енергија. Среќен сум што стигнаа моите фанови од Србија, Босна, Хрватска, што ве има од цела Македонија. И бендот ми е таков, не има од цела Југославија“, рече Џибони.
Концертот на Џибони во Скопје е дел од фестивалот All You Need Is Love, кој го организира „Авалон“. Фестивалот го отвори македонскиот бенд „Фанк шуи“, а потоа концерт одржа и Влатко Стефановски со неговото трио. Специјален гостин на Влатко, беше неговиот син Јан, кој отсвире неколку песни на тапани.
Андријана Јовановска
Фото: Д. Перковски
Текстот (Галерија) Поздрав за Оливер, песни кои допираат до срце – Џибони има неповторлив концерт во Скопје е превземен од Reporter.mk.